Неколкумесечната политичка дебата за подигање на границата за позајмување, намалувањеto на кредитниот рејтинг на САД и нестабилниот Вол Стрит беа во фокусот на синоќешната дебата на кандидатите за претседателска номинација од страна на Републиканската партија, што се одржа во Амес, сојузната држава Ајова.
За време на дебатата посветена на начините за подобрување на американската економија, поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, кој се смета за фаворит за номинацијата, го обвини претседателот Барак Обама за економската криза во земјата.
„Најважно е да разговараме како ќе обезбедиме претседателот Обама да биде заменет од некој кој знае како да ја заживее економијата“, истакна Ромни.
Меѓу кандидатите се и гувернерот на Минесота Тим Поленти, поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич, бизнисменот Херман Кеин, конгресменот од Тексас Рон Пол и конгресменката од Минесота Мишел Бакман.
„Тукушто чувме од Стандард енд Пурс. Кога го намалија нашиот кредитен рејтинг, тие ни порачаа дека не сме способни да го отплатиме долгот. Се покажа дека сум била во право. Не требаше да ја подигнеме границата за владино позајмување“, изјави Бакман.
Прашањата за иранската нуклеарна програма резултираа до вжештена дебата меѓу сенаторот Санторум и конгресменот Пол.
„Иран нема воздухопловна сила за да дојде до овде. Тие не можат да произведат ни доволно бензин за нив самите, а ние овде го форсираме прашањето, исто како што правевме за Ирак, преку интензивирање на воената пропаганда. Немаше Ал Каида во Ирак, имаше нуклеарно оружје, а ние моравме да извршиме инвазија. Сигурен сум дека вие сенаторе ја поддржавте и таа војна. Време е да престанеме со ова. Се работи за трилиони долари што ги трошиме на овие војни“, изјави конгресменот Пол.
Кандидатите беа запрашани и за човекот кој не беше присутен на дебатата, но кој се очекува деновиве и официјално да се придржи на трката за номинација од страна на републиканците.
Гувернерот на Тексас, Рик Пери, важи за потенцијално сериозен кандидат кој може да ги придобие конзервативните гласачи. Пери има солидно минато како гувернер во напори да креира дополнителни работни места. Според најновите анкети, многумина гласачи во полза на републиканците, би го поддржале Ромни за претседателската, а Пери за потпретседателската функција.
Без оглед на тоа кој ќе исплива на површината, пензионерот Брус Вудс од Урбандеил, Ајова, би бил задоволен со кандидат кој ќе ја премости актуелната поделеност меѓу двете политички партии во САД.
„Она што треба да сториме е да најдеме начин да направиме компромис од обете страни и да ја стабилизираме политичката клима“, вели тој.
Други експерти додаваат дека проблемот е во тоа што се губи средината, загубени се многумина од умерените, кои беа спојка меѓу двете страни, велат тие.
Има многу републикански гласачи кои се чини дека се незадоволни со актуелната кандидатска листа за претседател, но влегувањето во трката на гувернерот Пери или поранешниот градоначалник Руди Џулијани, кој би можел да направи нов обид за влез во Белата куќа, би им дале нови опции на незадоволните.