Ковид-19 е респираторна болест предизвикана од вирусот, официјално познат како САРС-КОВ-2, што е кратенка за „тежок акутен респираторен синдром коронавирус 2“.
Ова е вторпат коронавирус да разболи луѓе и да предизвика смрт. САРС првпат се појави во Кина во ноември, 2002-та година. Сегашната верзија на вирусот се појави во Кина во 2019-та година, поради што се нарекува Kовид-19.
Вирусот ги напаѓа белите дробови. Таму се мултиплицира и ги неутрализира молекулите кои ни помагаат да се бориме со заразата.
Повеќето луѓе оздравуваат, но, вирусот може да ги уништи белите дробови и да предизвика проблеми со дишењето.
Томас Стил морал да направи двојна трансплантација на бели дробови поради Ковид: „Нема ништо пострашно од тоа да бидете во болнички кревет и да се борите за секој здив. Јас тоа го правев 58 дена“.
Белите дробови испуштаат кислород во крвта, и вирусот може да ги уништи и да предизвика опаѓање на нивото на кислород. Пациентите тогаш треба да се приклучат на респиратор за да им се помогне да дишат.
Ковид-19 може да предизвика и опасно згрутчување на крвта. Луѓето кои веќе имаат оштетени крвни садови поради висок крвен притисок, мозочен удар или со срцеви заболувања, имаат поголем ризик да развијат тешка форма на болеста.
Овие згрутчувања може да се формираат низ целото тело, вклучувајќи ги и белите дробови и срцето. Тие може да предизвикаат срцев или мозочен удар.
Д-р Ален Андерсон е еден од многуте кардиолози кои виделе како и луѓе со здраво срце добиле срцеви оштетувања.
„Тие имаа зголемување на крвните ензими што секогаш се случува при срцев удар, и покрај тоа што немаа коронарни заболувања. Имаа нарушување на срцевиот ритам“, вели д-р Андерсон.
Вирусот и пропратно воспаление можат да го уништат срцевиот мускул. Некои од оштетувањата може да се поправат, но некои не.
Лекарите, исто така, открија дека вирусот може да оштети и друг витален орган - бубрезите. Големо медицинско истражување во Њујорк минатата година анализираше повеќе од 5.000 пациенти со Ковид.
„36,6 проценти од 5.449 пациенти развиле акутно оштетување на бубрезите, од кои 14 отсто биле ставени на апарат за дијализа“, вели доктор Џавери.
Научниците се` уште ги истражуваат последиците од Ковид-19 врз телото. Но, најтешките последици почнуваат со белите дробови. Оштетените бели дробови потешко испуштаат кислород до крвотокот. А на органите им е потребен кислород за да функционираат. Ако немаат, може да бидат уништени, како белите дробови, срцето, бубрезите и црниот дроб.
Има и долгорочни последици од болеста. Некои може да се одразат врз квалитетот на живот. На пример, постојана малаксаност, главоболка, немање здив и болка во градите. Некои може да се соочат со когнитивни дисфункции или проблеми со меморијата. Некои, пак, имаат анксиозност и депресија.
Секој, не само оние што биле хоспитализирани, може да има долгорочни симптоми. Нема начин да се знае кој може да биде афектиран.
„Не знаеме колку пациенти ќе развијат долгорочни симптоми по заразата. Истражувањата покажуваат меѓу 10 и 80 проценти, што значи има голем број луѓе со такви симптоми и по четири недели, кога се очекува луѓето да оздрават“, коментира доктор Еугланд.
Некои медицински центри отворија специјални клиники за третирање на лица кои имаат долгорочни последици, многу подолго откако оздравеле од Ковид. Некои можеби и немаат симптоми, но, нивниот живот драстично се променил поради коронавирусот.
„Никогаш нема да бидам истиот како пред тоа, открива пацентот“, Томас Стил.
Тој е само еден од многуте кои исто така нема никогаш да бидат како пред Ковид-19.
Facebook Forum