Северна Македонија веќе доби поддршка за почетокот на преговори со ЕУ од Австрија, Чешка и Словенија, еден ден откако Бугарија најави дека планира и натаму да стави вето. Може ли да се очекува поддршка, и од други членки, на Унијата?
Јануш Бугајски: „Се надевам, да. Тоа што Бугарија го прави е деструктивно за европскиот проект. Но, ѝ е самодеструктивен однос од Софија кон регионот. Тоа им оди во прилог на руските интереси. Ја поткопува безбедноста, дури го поткопува и НАТО. Креира дополнителните историски проблеми меѓу Македонија и Бугарија. Политиката, треба да се тргне настрана од историјата“.
Глас на Америка: Кои се клучни фактори за пробив до 22-ти јуни, до одлуката на Советот на ЕУ? Шефот на македонската дипломатија Османи, наговести дека на потег е Софија, и тоа пред изборите, во оваа земја?
Јануш Бугајски: „Не гледам дека преодната влада во Бугарија ќе преземе големи одлуки, особено што за прашањето со Македонија има голема поддршка и меѓу тамошната јавност, медиумите. Некој не би сакал да попушти за отворените прашања со Македонија. За жал, проблемот го креираше бугарската влада, и сега тој се провлекува, веројатно до новите избори“.
Глас на Америка: Уште еднаш ЕУ не успева да обезбеди проширувањето, барем засега, кога станува збор за Македонија. Брисел е зачуден од растечкиот евроскептицизам во земјата?
Јануш Бугајски: „Тоа почна пред неколку години, кога Грција ја блокираше Македонија. ЕУ не се обиде со поголем ангажман да бидат надминати несогласувањата. Слично, се случува и денес. Тогашниот проблем со името беше решен само благодарение на визијата од тогашните премиери на Македонија и Грција. Бугарија игра на картата на национализам, но тоа и оди во прилог на Русија, како дестабилизирање на Балканот, поделби во самата Унијата, ослабување на НАТО“.
Глас на Америка: Каква улога треба да преземат САД за откочување на процесот на проширување за Балканот во ЕУ?
Јануш Бугајски: Администрацијата на Бајден, за разлика од претходната на Трамп, не е анти-ЕУ. Ја разбираат позитивната улога што ЕУ ја има врз Балканот. САД треба да бидат повеќе ангажирани со Софија отколку со Скопје, да се убедат, двете страни, дека е можно надминување на разликите, дури и кога двете земји се членки на Унијата.
Според Бугајски, во залог е целиот концепт на ЕУ и други аспиранти гледаат со внимание кон разврската на македонско-бугарскиот јазол.
Јануш Бугајски: „Ако секоја членка на ЕУ се однесува на овој начин, тогаш ЕУ нема да постои. Размислете за сите спорови кои ги имаат меѓу себе, Германците и Полјаците, Германците и Французите...Има премногу историски контроверзни теми, што се неможни решенија, и не би постоела ниту ЕУ“.
Facebook Forum