Се заоструваат разликите меѓу власта и опозицијата за тоа дали и како земјава треба да ги продолжи разговорите со Бугарија - ВМРО-ДПМНЕ излегува на улиците – опозициската партија најави секојдневни протести во Скопје и во уште 10 други градови. Блокадите, кои ќе траат по 2 часа, се начин, како што вели Христијан Мицкоски, да се натера владата да соопшти за што преговара и што всушност предвидува т.н. „патоказ“. Предупредува дека власта е подготвена да ги прифати барањата на Софија во однос на јазикот и идентитетот.
„Како народ или нација, ако ова биде дел од преговарачкиот процес ние ќе бидеме доведени пред двоен избор – или асимилација, бугаризација, за еден ден кога ќе ги завршиме реформите да бидеме дел од ЕУ, или напуштање на сонот за ЕУ. Затоа, апелирам до сите политички партии, леви или десни, да се приклучат на барикадите зашто македонската нација и народ заслужуваат одбрана во овој момент“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Нашите црвени линии се добро познати, бараме решение кое нема да навлегува во идентитетските прашања“ – порачаа од владата наспроти најавата на опозицијата дека „се сели“ на улиците поради начинот на кој се „менаџира“ процесот што треба да ги деблокира евроинтеграциите.
„Влогот е навистина голем и тој е многу голем и за македонско-бугарското пријателство и мислам дека ова статус кво ако остане предолго ќе ги труе меѓусебните односи“, рече вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
СДСМ и ДУИ, кои се главните коалициски партнери во владата, сметаат дека актуелниот е вистинскиот пристап кон прашањето со Бугарија, иако не негираат дека е многу кус периодот од две седмици, за да се дојде до компромис пред претстојниот состанок на министрите на ЕУ. Паралелно со преговорите со Софија од чиј исход зависи дали евроинтеграциите ќе продолжат и или ќе останат да тапкаат во место, двете владејачки партии веќе сериозно влегуваат во кампања за претстојните локални избори. Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, со министри од неговата партија речиси секојдневно е на некое свечено отворање. ДУИ, пак, викендов се „ребрендираше“ во зелена партија со зелена агенда, за што опозицијата - и македонска и албанска, реагираа дека е само обично „префарбување“ на партијата на Ахмети во обид да се придобијат гласачи.
„Само зборови, ама без дела“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците за „зазеленувањето“ на ДУИ.
Facebook Forum