Впечатокот е дека дводневната комуникација и разговори во Рим на највисоко ниво меѓу Северна Македонија и Бугарија резултираа со затоплување на односите и внесување нова динамика на релација Скопје-Софија.
Пораките кои денеска дојдоа од двајцата претседатели, кои заедно ги чествуваа Свети Кирил и Методиј, се со позитивни тонови – клучно е дека е можен компромис ако се има доверба, искрен дијалог и рамноправен пристап.
„Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно, ова првпат се случува. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но, и за иднината. Во колегата Радев, овие 2 дена, најдов соговороник со кој можам да зборувам на ист јазик, не зборувам за македонскиот и бугарскиот, туку за европскиот јазик, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји. Една единствена порака ако од мене барате да издвојам за тоа што се случуваше овие два дена е дека напредок е можен само ако во дијалог влегуваат двајца рамноправни соговорници“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Радев уверува дека земјава има европска перспектива, и оти нема проблем што не може да се реши ако се има волја.
„Да работиме, да бараме секакви можности и патишта за изноаѓање решение и на најсложените проблеми меѓу нас. Денеска можам да ве уверам дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји, за развивање на економските, образовните, трговските и културните врски и за најважното, за зближување на двата народа“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Смета дека нема потреба од директно вклучување на трета земја - посредник во рамките на заедничката историска комисија, која подолг период не може да постигне консезус за прашања од минатото, со кои Софија ја условува деблокадата на европската интеграција на Македонија.
„Нема потреба европска земја да се вклучи, ние сме си најблиски, ако се вклучи евроспка земја ќе ни треба преведувач. Зошто ни е преведувач? Да троши пари?“, реле Радев.
Пендаровски додаде дека зборуваат за исто и оти „неспорно е дека ЕУ е веќе вклучена. Така што, ние европска помош веќе имаме“.
Во наредниот период се очекува дополнително интензивирање на обидите за постигнување решение, мисија која ја предводи португалското претседателство со Советот на ЕУ, кое веќе достави нон-пејпер, кој ниту Скопје, ниту Софија официјално не го отфрлија.
И Пендаровски и Радев денеска имаа аудиенции кај папата Франциск. Поглаварот на Римокатоличката црква од македонскиот претседател доби дрес на фудбалската репрезентација со испишано негово име.