Во мај 1997-ма, претседателот Бил Клинтон зададе цел за 10 години да биде создадена вакцина против вирусот ХИВ, предизвикувач на СИДА-та. За таа цел беше формиран Центарот за истражување на вакцини при Националниот институт за здравство. Иако помина деценија без да се пронајде вакцината, на повидок се ветувачки откритија.
Како и многумина други стручњаци за третман против СИДА-та, д-р Рејмонд Мартинс од Клиниката Витман Вокер во Вашингтон е фрустриран што се` уште не нема вакцина за вирусот ХИВ од кој, според, податоци на ОН, се заразени преку 30 милиони лица ширум светот.
„Вирусот мутира мошне брзо и е мошне тешко да се изработи вакцина“, наведува Мартинс.
Д-р Гари Набел е директор на Центарот за истражување на вакцина уште од основањето пред 12 години. Вели, уникатните елементи на вирусот ја отежнуваат изработката на ефикасна вакцина.
„Со секоја поделба на вирусот, се менува неговата генетската природа и се добиваат различни форми. Постојано мутира“, објаснува Набел.
Но, има и ветувачки вести. Центарот неодамна успешно дејствуваше врз слабоста на вирусот - дел што никогаш не се менува и тоа со антитела од луѓе инфицирани од него. Што е уште поважно, научниците успеаја да ги клонираат овие антитела во лабораториски услови.
„Антителата можат да препознаат и неутрализираат околу 90 проценти од природните видови на вирусот ХИВ. За ова не знаевме до пред една година“, раскажува Набел.
Тој сепак наведува дека новиот приод кон изработка на вакцина е во прелиминарен стадиум. Дури и се` да оди по планот, што ретко се случува, може да се очекува успех за неколку години.