Во најнов извештај на Хјуман Рајтс Воч се вели дека во некои од најнаселените земји во светот, луѓето умираат од ХИВ и СИДА, без соодветен третман против болка.
Дидрик Лохман од оваа организација за Гласот на Америка, изјави:
„Интервјуиравме многумина кои ни кажаа дека болката им била толку силна, што сакале да умрат и се молеле на Господ да ги земе. Во одредени случаи луѓето се обиделе да извршат самоубиство бидејќи болката едноставно била неиздржлива“, вели Лохман.
Тој вели дека има бројни причини зошто е ова така. Една од нив морфиумот, клучен лек за контрола на силна болка, за чија употреба во одредени земји има строги регулативи, што значи дека не е лесно достапен.
Како втора причина, вели Лохман, многу од здравствените работници не се доволно обучени како да ја третираат болката.
Извештајот на Хјуман рајтс воч е базиран на истражувањето изведено во 40 земји за третманот против болка што е на располагање.
Во 35 земји помалку од еден процент од луѓето кои страдаат или од рак или ХИВ биле во можност да дојдат до лекови протв болка. Повеќето од тие земји, се наведува во документот, се во суб-Сахарска Африка, но и во Азија, Блискиот Исток, Северна Африка и Централна Америка.
Овој експерт додава дека ситуацијата не е нерешлива. Проблемите можат да се поправат, вели тој, доколку владите вложат напори.