Линкови за пристапност

Коптите во Калифорнија се дистанцираат од контроверзниот филм


Нашата вера учи на почитување на сите - не шириме омраза, порачуваат од христијанската група.

Коптските христијани во Калифорнија се шокирани дека имигрант во САД, наводно од нивна вероисповед, стои зад контроверзниот филм што предизвика насилни протести ширум муслиманскиот свет.

Во нападот врз Конзулатот на САД во Бенгази, Либија, беа убиени амбасадорот Кристофер Стивенс и тројца други членови на Амбасадата на САД.

Филмот е во приватна продукција, но демонстрантите ја обвинуваат американската влада. Автор на филмот е Накула Баселеј, за кого медиумите јавија дека по вероисповед е коптски христијанин. Тој отслужил казна затвор за банкарски малверзации, а во саботата властите во Калифорнија го испрашаа за евентуално прекршување на условното пуштање на слобода. Филмот, кој муслиманите наголемо го сметаат за навредлив, не е противзаконит согласно слободата на говорот загарантирана во Уставот на САД.

Епископот Серапион, кој е на чело на Коптската црква во Лос Анџелес, како и други водачи на верската заедница, веднаш го осудија филмот.
„Затоа што веруваме дека тоа е против нашата христијанска вера - ние сме против секакви навреди на чувствата на верниците“, подвлекува епископот.

„Ние не говориме лошо за која и да е` религија“, вели членот на коптската заедница во Калифорнија Махер Саид, според кого целата заедница го отфрлила филмот.

Саид е загрижен дека некои Муслимани неправедно ги обвинуваат за филмот сите Копти кои живеат во САД.

Членовите на црковната заедница тврдат дека не го познаваат Накула Баселеј и дека американските Копти немаат никаква врска со филмот.
XS
SM
MD
LG