Линкови за пристапност

Нови протеси поради антиисламскиот филм


Anti-US-Protests-map
Anti-US-Protests-map

Северноафриканскиот оддел на Ал-Каида повика на натамошни напади врз американски дипломати.

Избувнаа нови протести поради антиисламскиот филм „Невиноста на муслиманите“, овојпат во Тајланд и Кашмир. Во Авганистан, пак, бунтовничка организација презеде одговорност за самоубиствен напад за кој тврди дека бил реакција на филмот.

Американската амбасада во Банкок денеска прекина со работа пред да почнат протестите, иако соопшти дека нема информации за конкретна закана кон Американците и нивниот имот.

Протестите во градот Шринагар во Кашмир резултираа во насилство кога демоснтрантите започнаа да фрлаат камења и се судрија со полицијата.

Северноафриканскиот оддел на Ал-Каида повика на натамошни напади врз американските дипломати поради нискобуџетниот филм што го портретира пророкот Мухамед како измамник, женкар и напасник на деца, покрај другите исклучително навредливи наводи. Одделот на Ал-Каида конкретно се закани со напади во Алжир, Тунис, Мароко и Мавританија.

Од минатата недела протести и насилство избувнаа во 20-тина земји. Во нападот врз Конзулатот на САД во Бенгази, Либија, беа убиени амбасадорот Кристофер Стивенс и тројца други членови на Амбасадата.
XS
SM
MD
LG