Линкови за пристапност

Над 88 илјади македонски граѓани извадиле бугарски пасоши


Бугарски пасоши за македонски граѓани
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Околу 5000 се во процедура на вадење, иако сега има барања за приложување на бугарските корени

Вкупно 88.500 македонски граѓани во изминатите 20 години добиле бугарски пасош, а со тоа и бугарски државјанства. Ова се официјални податоци кои Гласот на Америка ги доби од Министерството за правда на Бугарија. Станува збор за период од први јануари 2001 година до први ноември 2020 година. Најголем дел од нив се стекнале со бугарско државјанство, со докажување на бугарско потекло.

Осум државјани се стекнале со бугарско државјанство врз основа на посебни заслуги за Бугарија.

„Од предлозите дадени од министерот за правда до потпретседателот на Република Бугарија за издавање на декрет за стекнување бугарско државјанство, заклучно со 22.10.2020 година, 5300 лица, граѓани на Република Северна Македонија, чекаат декрет да се издаде пасош на Република Бугарија “, велат од Министерство за правда на Бугарија.

А меѓу оние кои уште во 2003 година извадиле бугарски пасош, е стружанецот Васко Јолески. Но, 17 години подоцна, тој им го врати пасошот и останатите документи на властите во Софија, по поштенски пат, преку едно од нивните дипломатски претставништва во земјава. На ваков чекор се одлучил револтиран, вели, од уценувачкиот однос на Бугарија кон неговата татковина.

Не може некој да си поигрува со нашето достоинство. Пред се, достоинството на еден човек е над се, над сите привилегии, што ги нуди патна исправа од земја - членка на ЕУ
Јолевски од Струга го вратил бугарскиот пасош


„Бугарскиот политички врв, многу лукаво ги користи моментите, што дел од македонскиот народ се одлучил да извади бугарски патни исправи поради егзистенција најчесто, за да ѝ наштети на нашата земја. Јас сакам да ги охрабрам сите оние кои се во можност да го направат истото да го следат мојот пример. Не може некој да си поигрува со нашето достоинство. Пред се, достоинството на еден човек е над се, над сите привилегии, што ги нуди патна исправа од земја - членка на ЕУ“, изјави Васко Јолевски, од Струга.


Оние кои посредуваат за вадење на бугарски пасош велат дека процедурите за да се стигне до него стануваат се посложени, но оти тоа не е поради актуелните односи помеѓу двете земји.

Ако на времето можеше во денот да се поднесат по сто- двеста апликации, денес тоа се одвива по електронски пат.
Ристески, посредник за вадење пасоши


„Ако на времето можеше во денот да се поднесат по сто- двеста апликации, денес тоа се одвива по електронски пат. Тие апликации денес се намалени на десет до дваесет луѓе“, оцени Крсте Ристески, посредник при вадење бугарски пасоши.

Ристески вели дека за разлика од порано, сега секој апликант за бугарски пасош и лична карта, мора да го докаже својот бугарски корен, со приложување на соодветни документи.


„Секој македонски државјанин кој сака да аплицира или веќе аплицира, го докажува својот бугарски корен по однос на родител бугарски државјанин, и дали поседува стари бугарски документи, како на пример свето крштение или воена букица од дедо или прадедо, или по пат на изводи, кои се со потврда од здружение, дека лицето е од бугарски корен“, вели Ристески, посредник при вадење бугарски пасоши.

Процесот за добивање на бугарско државјанство трае меѓу три и пет години. Личните карти се со адреси во бугарски села и градови, најчесто близу границата.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека главна причина за земање на бугарски пасоши не е етничкото или националното чувство, туку економските параметри.

Ова е индикација дека се работи за економски интерес, ѝ тој како таков нема да престане.
Арсовски, аналитичар


„Затоа и најголем дел од македонските граѓани побараа бугарски пасоши, откако Бугарија влезе во ЕУ. Доколку имаше некакво национално чувство, тоа ќе се случеше и порано. Ова е индикација дека се работи за економски интерес, ѝ тој како таков нема да престане. Политиката може за домашни потреби да го користи ова прашање, но не верувам дека тоа ќе се прелее кај граѓаните“, заклучи Петар Арсовски, аналитичар.

Очекувањата се дека интересот за вадење на бугарски пасоши нема да се намали, ѝ покрај актуелните случувања меѓу двете држави.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG