Однесувањето на Бугарија и нејзината блокада на преговарачката рамка за Северна Македонија предизвика незадоволство кај одредени членки што се рефлектира и во самата Европската унија. Чешка и Словачка сметаат дека заклучоците за проширувањето на ЕУ за кои вчера, на амбасадорско ниво беше постигната начелна согласност, не се задоволителни.
Двете држави-членки не се согласуваат со формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ која се однесува на земјава и употребата само на долгото име Република Северна Македонија. Овие две барања на Софија германското претседателство, по првичниот отпор, ги вклучи во предложените заклучоци за проширувањето, кои Унијата вообичаено ги усвојува на крајот на секоја година. Но, сега, консензусот за заклучоците за сите земји-кандидатки виси поради незадоволството во ЕУ од како што се нарекува во некои кругови во Брисел, непринципелното однесување на Бугарија. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, денеска од Будимпешта порача дека „одлуките во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка се доживува со длабоко разочарување во земјата“:
„Во вчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите – кандидати треба да сторат сѐ за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата. Се согласувам, но сметам дека ‘Слонот во собата’ е повеќе како да се спречи неправилната интерпретација на сегашноста и на иднината. Договорот за распоредување на силите на Фронтекс кој стои заглавен во телата на Унијата, токму поради противењето на Бугарија да прифати да ја признае сегашноста.“
Владата во соопштение заклучи дека Бугарија вчера го потврдила ветото и дека се изневерeни европските вредности и очекувањата на граѓаните.
„Без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати во процесот на интеграција во ЕУ за кои од Брисел стигнуваа признанија, Северна Македонија останува посветена на стратешки колосек како и досега“, соопштија од владата.
И покрај несупехот нејзиното претседавање со Унијата да го заврши со позитивна одлука во делот на проширувањето, германската канцеларка, одговорајќи на прашања во Бундестагот, рече дека е во контакт со бугарскиот премиер и дека деновиве очекува да се реши прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Facebook Forum