Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ засега контактира само со „Вреди“ за новата влада


ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на парламентарните и претседателските избори во Скопје, Северна Македонија, 08 мај 2024 година
ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на парламентарните и претседателските избори во Скопје, Северна Македонија, 08 мај 2024 година

Прославата заврши.

Почнуваат разговорите кои ќе треба да доведат до формални преговори за тоа кој, покрај победничката ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дел од идната влада. Партијата на Христијан Мицкоски не крие дека првични контакти веќе се остварени со „Вреди“ коалицјата на опозициските партии на Албанците.

„Во овој момент можам да поврдам дека има единствено комуникација со претставниците на „ВЛЕН“. Како што ќе се развива ситуацијата верувам таа ќе добие забрзана динамика, некаде по инаугурацијата на новиот претседател ќе бидете информирани“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

Уште вчеравечер, лидерите на „Вреди“ самите најавија дека веќе се гледаат во идната влада.

ВМРО-ДПМНЕ победи - со кого ќе коалицира?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:56 0:00

„Од утре почнуваат преговори за нова влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Влен“. Честитики на сите Албанци, честитки на сите граѓани“, рече Билал Касами од Коалицијата „ВРЕДИ“.

Бројките велат дека ВМРО-ДПМНЕ, со освоените 58 мандати, и „Вреди“ со 13, имаат комотно мнозинство од 71 мандат. Но, дали преговорите ќе запрат тука.

„Имаме намера со сите опозициски партии кои настапија на овие избори да разговараме и да видиме што е тоа што може да биде наша точка на поврзување, но тоа не значи дека сите тие би биле дел од таа идна влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој на вчерашните парламентарни избори не успеа да го повтори успехот од првит круг избори за претседател, почна да се нуди за соработка.

„Што се однесува до идни коалиции и евентуални соработки, секогаш ќе бидеме тука на располагање на која било идна власт кога се работи за државни национални интереси, но дополнително партиското раководство ќе ги разгледа сите опции и можности за евентуално партиципирање во власта или останување да работиме како конструктивна опозиција“, рече Димитриевски.

Денеска заседаваше раководството на ВМРО-ДПМНЕ и ги утврди „контурите на рамката“ врз основа на која ќе преговара со другите партии. Тие контури се економски силна држава, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи.

Уставните измени од кои зависат евроинтеграциите ги нема. Но, ја има пораката од Софија само ден по изборите.

„Многу брзо ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата која однесе победа на изборите, пред сѐ, ќе работат за европската перспектива на Република Северна Македонија, или ќе тргнат по некоја друга насока. Отсекогаш сум ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство. Тоа значи и промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“, рече претседателот на Бугарија Румен Радев.

Честитки за победата, но и повик за продолжување на евроинтеграциите стигнаа од Вашинготн и од Брисел.

„Мои срдечни честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот историски избор за прва жена претседател на Северна Македонија. Честитки и за сите оние граѓани кои вчера го искористија своето избирачко право на претседателски и парламентарни избори. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат вашите цели за безбедност, просперитет и целосна евроатланска интеграција на оваа земја“, порача американската амбасадорка Агелер.

„Подготвени сме заедно да работиме во процесот на ЕУ-пристапување на Северна Македонија на следното ниво. Се радуваме на соработката со претседателката Гордана Силјановска-Давкова за забрзување на неопходните реформи за напредок во преговарачкиот процес“, напиша еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

XS
SM
MD
LG