Линкови за пристапност

Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските и на парламентарните избори


Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова ја слават победата на парламентарните и претседателските избори
Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова ја слават победата на парламентарните и претседателските избори

Гордана Силјановска Давкова е новиот претседател на државата со освоени речиси 300 илјади гласови повеќе од Стево Пендаровски. ВМРО – ДПМНЕ на граница со мнозиство со освоени 59 мандат, СДСМ ќе има 18 пратеници. ДУИ и Коалиција „Вреди“ прогласија победи. Пратеници ќе имаат и „Левица“ и „ЗНАМ“

СКОПЈЕ – Со прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ја прославија победата на парламентарните и на претседателските избори што се одржаа денеска.

Северна Македонија за прв пат од прогласувањето на независноста ќе добие жена претседател, а ВМРО-ДПМНЕ после седум години повторно се враќа на власт.

ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска Давкова, слават победа на претседателските и парламентарните избори на плоштад во Скопје, 8 мај, 2024
ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска Давкова, слават победа на претседателските и парламентарните избори на плоштад во Скопје, 8 мај, 2024
Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците
Христијан Мицкоски

Во обраќањето од партиското седиште, Мицкоски ја оцени победата на овие избори како историска и ја нарече „Победа на Македонија“.

„Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, на гордиот народ кој покажа решителност и смиреност. Падна Владата во Македонија. Има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот“, рече Мицкоски.

Тој го повтори ставот дека е време ДУИ да оди во опозиција, со СДСМ.
„Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата. Вечерва се покажа дека нема македонија на ДУИ, на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна Македонија. Има само една единствена и вечна, независна, слободна Македонија“, рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска Давкова, слават победа на претседателските и парламентарните избори
Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска Давкова, слават победа на претседателските и парламентарните избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ воедно упати порака и до членството и до идните функционери да имаат одговорност пред гласачите.

„Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа затоа што од судот на народот никој не избегал, како ни од судот на Бога. Не ги заборавјте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и чесни“, рече Мицкоски.

Гордана Силјановска Давкова е првата жена претседател во македонската историја
Гордана Силјановска Давкова е првата жена претседател во македонската историја

Кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова е новиот претседател на државата и ќе влезе во кабинетот во „Вила Водно“ откако во вториот круг на претседателските избори освои 520.033 гласови, речиси 300 илјади гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски од коалицијата предводена од СДСМ кој освои 234.193 гласови.

На парламентарните избори, според официјалните податоци на ДИК обработени 94 отсто од избирачките места, гласале 915.538 гласачи а одзивот е 55,19 отсто.

На плоштадот во Скопје се собраа голем број симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ
На плоштадот во Скопје се собраа голем број симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ

Во идниот состав на Собранието 120 те пратеници ќе бидат од четири коалиции и две политички партии. Најголем број на гласови освои коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ 403.471 глас или 43,11% од гласовите.

Коалицијата предводена од СДСМ освои 141.920 гласа или 15,17% од гласовите, коалицијата предводена од ДУИ освои 131.150 гласови или 14,01%, Коалицијата „Вреди“ освои 102.390 гласови или 10,94%, партијата „Левица“ освои 63.557 гласови или 6,79% и движењето „ЗНАМ“ освои 49.481 глас или 5,29% од гласовите на граѓаните кои го остварија своето право на глас.

MANDATI FINAL
MANDATI FINAL

Во мандати гледано ВМРО – ДПМНЕ освои 59 мандати во идниот состав на Собранието. ДУИ ќе има 19 пратеници, СДСМ 18, Коалицијата „Вреди“ 13, „Левица“ ќе има 6 пратеници а движењето „ЗНАМ“ ќе има петмина пратеници во идниот состав на Собранието.

Гледано по изборни единици, во првата ИЕ 1 ВМРО – ДПМНЕ освои 10 мандати, СДСМ 3, ДУИ 2,„Левица“ 2, „Вреди“ 2 и „ЗНАМ“ еден мандат. Во ИЕ 2 ВМРО – ДПМНЕ освои 9 мандати, „Вреди“ има 3 мандати, СДСМ 2, „Левица“ и „Знам“ по еден мандат.

Во ИЕ 3 ВМРО – ДПМНЕ освои 14 пратенички места, СДСМ 4 а „Левица“ и „ЗНАМ“ по еден мандат. Во ИЕ 4 ВМРО – ДПМНЕ освои 13 мандати, СДСМ 5, „Левица“ и „ЗНАМ“ по еден пратеник. Во ИЕ 5 ВМРО – ДПМНЕ со најмногу освоени пратеници – 10, СДСМ освои 4, ДУИ 3, „Вреди“ еден мандат и „Левица“ исто така еден мандат.

Во ИЕ 6 најмногу мандати освои ДУИ – 9, Коалицијата „Вреди“ 7, ВМРО – ДПМНЕ 3 и СДСМ еден мандат.

Од ДИК соопштија дека рокот за поднесување на приговори е до 10 мај 23.30 часот.

XS
SM
MD
LG