Линкови за пристапност

Влошена ситуацијата со човекови права на Западниот Брег, предупредија ОН


Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека потврдила 300 смртни случаи на Палестинци на Западниот Брег од 7 октомври
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека потврдила 300 смртни случаи на Палестинци на Западниот Брег од 7 октомври

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации (ОН) денес објави извештај во кој се вели дека ситуацијата со човековите права на Западниот Брег „брзо се влошила“ по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Канцеларијата соопшти дека потврдила 300 смртни случаи на Палестинци на Западниот Брег од 7 октомври. Во извештајот се вели дека повеќето од смртните случаи се случиле за време на конфронтации и судири меѓу Палестинците и израелските војници, вклучително и на протести и додека израелските војници спроведувале операции во палестинските градови.

„Употребата на воени тактички средства и оружје во контекст на спроведување на законот, употребата на непотребна или непропорционална сила и спроведувањето на широки, произволни и дискриминаторски ограничувања на движењето што ги засегаат Палестинците се крајно вознемирувачки“, рече високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк.

Турк го повика Израел да преземе акција за да го запре насилството меѓу доселениците и да ги истражи сите инциденти на насилство од доселениците и израелските сили.

Хуманитарната канцеларија на ОН предупреди дека засилените борби во појасот Газа, честите прекини во комуникацијата, блокираните патишта и недостигот на гориво претставуваат „значителни предизвици за хуманитарните операции“.

Светската здравствена организација, исто така, рече дека нејзините тимови презеле мисии со висок ризик за испорака на материјали, со партнери, до болниците во северниот и јужниот дел на Газа.

„Денеска го повторувам мојот повик до меѓународната заедница да преземе итни чекори за ублажување на сериозната опасност со која се соочува населението во Газа и ја загрозува способноста на хуманитарните работници да им помогнат на луѓето со ужасни повреди, акутен глад и со сериозен ризик од болести“, рече Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

Додека Израел останува фокусиран на својата кампања за елиминирање на Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на САД и другите, францускиот претседател Емануел Макрон му се јави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, повикувајќи го да работи на одржлив прекин на огнот со помош на регионални и меѓународни партнери.

На 7 октомври, милитантите на Хамас ги нападнаа јужните израелски заедници, убивајќи околу 1.200 луѓе, според Израел.

Хамас, исто така, зароби околу 240 заложници, од кои 129 остануваат во Газа.

Како одговор, Израел вети дека ќе го уништи Хамас и започна воздушен, копнен и морски напад врз Газа.

Израелската офанзива остави огромни делови од Газа во урнатини и уби повеќе од 21.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.

Израелската војска соопшти дека 167 нејзини војници биле убиени.

Дел од информациите во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG