Линкови за пристапност

 
Владата во Северна Македонија нема допир со сегашната реалност, кажа грчкиот министер за одбрана Дендијас во Вашингтон

Владата во Северна Македонија нема допир со сегашната реалност, кажа грчкиот министер за одбрана Дендијас во Вашингтон


Министерот за одбрана на Грција зборува на конференцијата Делфи во Вашингтон, 11 февруари 2025 година (Аматерска фотографија)
Министерот за одбрана на Грција зборува на конференцијата Делфи во Вашингтон, 11 февруари 2025 година (Аматерска фотографија)

Владата во Северна Македонија нема допир со сегашната реалност, изјави грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас за време на говор одржан на конференцијата Делфи во Вашингтон.

Дендијас го кажа ова кога зборуваше за улогата на Грција во активното промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, истакнувајќи дека Атина ги решила разликите со сите регионални играчи врз основа на меѓународното право.

„Дозволете ми да го спомнам Западен Балкан. Таму проблемите се затскриени, Косово, Босна и Херцеговина и влада во Северна Македонија која нема допир со сегашната реалност. На сите овие предизвици, Грција одговара со многу јасна позиција, почитувајќи го меѓународното право и меѓународните договори и во исто време заштитувајќи го сопствениот суверенитет, суверените права и територијалниот интегритет. За да се справиме со оваа сложена и нестабилна средина, воспоставивме партнерства на повеќе нивоа со земјите од нашиот регион“.

Тој потсети и дека Грција учествува во сите одбранбени иницијативи на Европската Унија, придонесувајќи за безбедноста на соседите.

„Придонесуваме за безбедноста на нашето соседство и го следиме воздушниот простор на Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора. Го поддржуваме Косово и имаме присуство во Босна и Херцеговина. Нашата морнарица доставува хуманитарна помош во Газа. Нашите воздухопловни сили доставуваат помош во Либан. Обезбедуваме енергетски коридори за Централна и Источна Европа“.

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на САД за време на инагурацијата на претседателот Доналд Трамп, на настан во Њу Џерси, кажа дека македонското прашање нема да биде затворено додека државата не стане полноправна членка на Европската Унија (ЕУ).

Грчкото министерство за надворешни работи реагираше на изјавата, велејќи дека предуслов државата да продолжи на европскиот пат е да го почитува Договорот од Преспа и да се воздржи од „иредентистички декларации и тврдења на сметка на соседните земји“.

Мицкоски одговори „не знам каде се препознале“, додавајќи дека нема да навлегува во таква дебата.

Тој вети дека ќе остане посветен на Преспанскиот договор во моментот кога даде заклетва како премиер.

Освен за односите со соседите, за време на конференцијата во Вашингтон, грчкиот министер за одбрана зборуваше и за стратегијата на Грција да продолжат цврстите одбранбени односи со САД, изградени за време на првиот мандат на Доналд Трамп.

„Нашите одбранбени системи, како што веќе знаете, се тесно поврзани со системите на САД. Ние сме дел од програмата Ф-35“, рече Дендијас.

„Значи, делиме многу со одбранбените сили на САД“.

САД и Грција започнаа Стратешки дијалог во декември 2018 година, кој се фокусира на области како што се регионалната соработка, одбраната и безбедноста, трговијата и инвестициите, енергијата, спроведувањето на законот и борбата против тероризмот и врските меѓу луѓето.

Целта е да се унапредат заедничките демократски вредности за мир и просперитет во Источниот Медитеран, Западен Балкан, регионот на Црното Море и пошироко.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG