Линкови за пристапност

Ќе работиме со Северна Македонија и Грција да го одржaт Договорот од Преспа, велат САД


Премиерот Христијан Мицкоски се ракува со претседателот на САД Џо Бајден на официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вашингтон
Премиерот Христијан Мицкоски се ракува со претседателот на САД Џо Бајден на официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вашингтон

САД велат дека ќе работат со Северна Македонија и Грција да ги одржат придобивките од Договорот од Преспа, откако премиерот Христијан Мицкоски во јавните изјави за време на Самитот на НАТО во Вашингтон не го користеше уставното име на државата.

Кога стана премиер, Мицкоски кажа дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст – Северна Македонија.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски, дали САД ќе разговараат со новата Влада оти премиерот не го користише официјалното име на државата ниту во Вашингтон, Стејт департментот одговори:

„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.

Мицкоски изминативе три дена во Вашингтон, во јавните изјави и објави на социјалната мрежа Икс, ја нарекуваше државата Македонија. Тој јавно официјалното име на државата го кажа наколку пати на дебата во Школата на меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Сепак, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на прес-конференција за грчки медиуми на Самитот на НАТО во Вашингтон, кажа дека премиерот Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО го користел уставното име на државата.

Мицотакис кажа и дека ги информирал колегите во НАТО оти Мицкоски не го спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.

„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не го спроведува клучниот член од договорот во врска со употребата на ерга омнес и неговата одлука да ја нарекува неговата држава „Република Македонија“ дома, што очигледно е изречно забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата и во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја“, изјави Мицотакис.

Тој кажа дека во овој момент Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на лидерството на соседната земја“, но додаде дека вака или онака тоа ќе сфати дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна.

Самитот на НАТО во Вашингтон заврши денес, а нема официјална информација дали Мицотакис и Мицкоски се сретнале за време на неговото одржување.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG