Линкови за пристапност

Сирија ≠ Либија


САД и ситуацијата во Сирија: зошто е различно од случајот со Либија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00
Direct link

САД и ситуацијата во Сирија: зошто е различно од случајот со Либија?

САД под притисок да воспостават зона на забрането летање над Сирија, но стручњаците наведуваат дека тоа налага внимателна проценка и - тешки одлуки.

САД и други земји се под притисок да воспостават зона на забрането летање над Сирија, за заштита на цивилите и поддршка на сириските бунтовници во битката против владата на претседателот Башар Ал-Асад. Сепак, стручњаците сметаат дека тоа налага внимателна проценка и - тешки одлуки.

Со проценките дека бројот на жртвите во Сирија изнесува и до 23.000, критичарите ги напаѓаат САД дека стојат настрана. Минатата година, воздушната кампања на САД и НАТО ги поддржа бунтовниците во Либија, со претходно зелено светло од ОН и клучните сојузници од арапскиот свет.

Владата на претседателот Барак Обама вели дека ситуацијата во Сирија е поинаков предизвик. Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни објаснува: „Имаше директен напад, повик од обединетата опозиција за меѓународна акција, меѓународен консензус - и во Советот за безбедност на ОН, и во Арапската Лига. Тоа го нема во Сирија“.

САД се консултираат со Турција, Јордан, Израел, Либан и други држави во регионот. Но, се разидуваат со Русија и Кина за тоа како да се реагира на случувањата во Сирија.
Целта ни е, колку што можеме, да им помогнеме да бидат ефикасни во борбата. Зоната на забрането летање, тоа за нас не е во преден план
Леон Панета, секретар за одбрана на САД


Вашингтон е насочен на тоа да и` помогне на сириската опозиција, вели секретарот за одбрана Леон Панета.

„Целта ни е, колку што можеме, да им помогнеме да бидат ефикасни во борбата. Зоната на забрането летање, тоа за нас не е во преден план“, коментира првиот човек на американската одбрана.

Роберт Зарати од вашингтонската Иницијатива за надворешна политика е меѓу 60-те аналитичари кои бараат претседателот Барак Обама да се заложи за зона на забрането летање.

„Во Сирија се случува истото што се обидовме да го спречиме во Либија. Се развива бавно и ќе продолжи. Останува да видиме што се` САД ќе бидат подготвени да сторат“, наведува Зарати.
Да се гарантира безбедноста на хемиското оружје, да се минимизира влијанието на Ал-Каида, да се избегне уште полоша секташка војна со етничко чистење по колапсот на режимот на Асад.
Крис Чивис, аналитичар од Корпорацијата Ранд, за целите на евентуалната армиска интервенција во Сирија


Другите фактори во Сирија се егзодусот на бегалците и илјадниците внатрешно раселени лица, како и загриженоста за хемиското оружје на сириската влада.

Аналитичарот Крис Чивис од Корпорацијата Ранд во Вашингтон ги набројува целите на евентуална армиска интервенција во Сирија: „Да се гарантира безбедноста на хемиското оружје, да се минимизира влијанието на Ал-Каида, да се избегне уште полоша секташка војна со етничко чистење по колапсот на режимот на Асад“.

Чивис мисли дека САД и партнерите можат да сторат многу да им помогнат на сириските бунтовници, но нагласува дека светот мора да има план за стабилизација на Сирија по конфликтот, што би можело да значи и испраќање на странски копнени сили во земјата.
XS
SM
MD
LG