Коалицијата под американско раководство втор ден по ред изврши воздушни напади против Исламската држава (ИД) во Сирија.
Портпаролот на Пентагон, контраадмиралот Џон Кирби соопшти дека цел на денешните напади била област што милитантите ја користеле за префрлање на опрема преку границата, во Ирак. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека САД погодиле и цели на ИД во Ирак, близу курдскиот град Ирбил и близу главниот град Багдад.
САД и пет арапски сојузници и вчера извршија воздушни напади во Сирија. Според Кирби, во тие напади САД причиниле штета каква и што планирале. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон јави дека вчера загинале 120 милитанти на ИД и на Ал-Каида. Вчерашните напади беа извршени со помош на Бахреин, Саудиска Арабија, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Американскиот претседател Барак Обама денес во ОН ќе одржи говор за борбата против ИД. Виши американски владини претставници наведуваат дека тој пред Генералното Собрание во Њујорк ќе ги истакне напорите да изгради меѓународна коалиција против ИД, којашто зазеде големи области во Сирија и Ирак. Нешто подоцна денеска, Обама ќе претседава со состанокот на Советот за безбедност на којшто се очекува членките да усвојат резолуција во врска со приливот на борци од странство во терористичките организации.