Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама за кусо време ќе даде изјава за првиот круг на воздушните напади на коалицијата под американско раководство врз милитантите на Исламската држава (ИД) во Сирија.
Биле бомбардирани цели во источна Сирија, меѓу нив и во главното упориште на ИД, градот Рака. Бахреин, Катар, Саудиска Арабија, Јордан и Обединетите Арапски Емирати ги подржаа нападите што погодија полигони за обука, седишта на милитантите и финаниски центар.
Сириската опсерваторија за човекови права, чиешто седиште е во Лондон, јави дека во нападите загинале 120 милитанти.
Портпаролот на Пентагон Џеф Пул во изјава за Гласот на Америка доцна синоќа наведе дека во нападите учествувале ловци, бомбаредери, но и бродови што истрелале крстосувачки проектили.
Сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека САД го информирале сирискиот амбасадор во ОН за нападите, пред тие да се случат. Курдските водачи, сириските бегалци и водачот на главната сириска опозиција, што има поддршка од Запад, ги поздравија нападите.
Американската централна команда издаде соопштение во коешто наведува дека американските сили самите извршиле осум одвоени воздушни напади западно од Алепо против поранешните борци на Ал-Каида, познати како Корасан. Командата соопшти дека акцијата била одговор на конкретен заговор против американски и западни интереси.
Претседателот Обама во говор на 10-ти септември најави дека одобрил проширување на воздушните напади против ИД, меѓу што и во Сирија.