Линкови за пристапност

Медиумски тврдења: НСА ги прекршила правилата


Внатрешна контрола на американската Агенција за национална безбедност (НСА) и други строго доверливи документи што ги обелоденија американските медиуми покажуваат дека секоја година од 2008-ма, кога Конгресот и` додели широки нови овластувања, Агенцијата „илјадници пати го прекршила правото на приватност или пак ги пречекорила своте законски ингеренции“.

Вашингтон пост, кој прв јави за ова, наведува дека повеќето случаи вклучуваат неодобрено набљудување на Американци или странски разузнавачки цели во САД – нешта ограничени со законот и со претседателските укази. Весникот донесува дека прекршоците варираат од значителни до обични грешки во пишување кои резултираче во ненамерно пресретнување на американска електронска пошта и телефонски повици.

Њујорк тајмс го пренесува заменик-директорот за правни прашања на Американската унија за граѓански слободи, Џамил Џафер, дека некои постапки на НСА се попроблематични од другите, но дека вкупниот број е шокантен.

Вашингтон пост наведува дека ги добил тајните документи од поранешниот работник под договор на НСА, Едвард Сноуден, и тоа пред неколку недели, како и дека содржат детали и анализи што разузнавањето обично не ги споделува со Конгресот и специјалниот суд што го надгледува набљудувањето, кога ги брифира на оваа тема.

Неименуван виш претставник на НСА за Вашингтон пост реагира: „Ние сме агенција со која управуваат луѓе и која оперира во комплексна средина со бројни регулаторни процедури, така што одвреме-навреме ќе се најдеме на погрешната страна од линијата“. Њујорк тајмс, пак, цитираше дел од соопштение на НСА во кое се вели: “Кога НСА ќе направи грешка во вршењето на мисијата на странско разузнавање, агенцијата внатрешно пријавува за грешката, а ги известува и федералните инстанци што вршат надзор, веднаш обидувајќи се да го расчисти случајот“.
XS
SM
MD
LG