Линкови за пристапност

Дали Едвард Сноуден е предавник?


Откритијата на поранешниот соработник на американското разузнавање отвори дискусија по прашањето за предавство.

Потегот на Едвард Сноуден – на протекување на детали за неколку тајни програми на шпионирање на Националната агенција за безбедност – генерираше дебата за тоа дали Сноуден е или не е предавник.

За Џон Болтон, поранешен американски амбасадор во ОН, прашањето е јасно:

„Јас го сметам за предавник. Тој зеде витални тајни на САД, без сомнение некои ги предаде на Кина, а некои на Русија. Некои велат дека тоа не е навистина шпионажа, зашто шпионажа е кога давате тајни на друга влада. Јас мислам дека објавување тајни е полошо од шпионажа, зашто имате 190 влади кои ги дознаваат тајните на Америка.“

Дејвид Барет, експерт за национална безбедност кој предава на Универзитетот Виланова во Вирџинија, Сноуден го гледа во друга светлина.

„Јас го сметам за дезертер. Има многу различни имиња кои можам да ги употребам, но го викам дезертер. Многу е сериозно кога лице кое работело во разузнавањето ја напушта земјата и открива тајни.“

Американскиот Оддел за правда поднел криминални пријави против Сноуден – за кражба на владина сопственост, неавторизирана комуникација за информации од националната одбрана и волна комуникација на класифицирани податоци на неавторизирани лица.

Сноуден вели дека една од причините заради кои ги протекол документите било да започне комуникација за тајните шпионски програми на американската влада.

Стивен Владек е експерт за национална безбедност што предава на Правниот факултет на Американскиот универзитет.

„Конверзациите кои сега се случуваат во Вашингтон немаше да се случуваат без Сноуден. И јас мислам дека е добро што се случуваат. На крајот, ако некој ме праша – што е Сноуден?, јас можам да кажам дека е криминалец и откривач на тајни, и тоа е во ред. И тоа оди кон поширока тема, дека она што е легално и она што е исправно не мора секогаш да се поклопуваат.“

Азиз Хаг, стручњак на прашања од националната безбедност и уставно право на Универзитетот во Чикаго, вели дека едно е сигурно: Едвард Сноуден не е предавник.

„Ние имаме многу прецизна дефиниција за предавство во американското право. И тоа е дефиниција што е вградена во Уставот. Се однесува на многу тесна класа на „намерна форма на помагање на непријателот во војна.“

Хаг вели, на пример, оние Американци кои се бореле со нацистичката армија биле предавници - и имало гонење за предавство и егзекуции од таа причина во Втората светска војна.

„Последното лице кое било гонето за предавство се вика Адам Гадан, Американец, кој отишол да служи во ал-Каида како еден од нивните портпароли кој зборува англиски. Тој ги исполнува сите услови за предавник, но кај Сноуден тоа не е случај.“

Хаг вели дека има нешто „исклучително несоодветно во врска со користењето на зборот предавник кога се работи за некој кој објавил информација што без дилеми е релевантна за јавна дебата.“

Мнозинството Американци изгледа дека се согласуваат со Хаг. Неодамнешно истражување на јавно мислење на Универзитетот Квинипек вели дека 55 проценти од испитаниците веруваат дека Сноуден е некој што привлекува внимание на нешто кое го смета за неисправно, но не е предавник.
XS
SM
MD
LG