Линкови за пристапност

Сноуден го напуштил московскиот аеродром


Едвард Сноуден
Едвард Сноуден

Кусо време откако добил привремен азил во Русија. Според адвокатот, заминал на тајна и безбедна локација.

Едвард Сноуден, кој до медиумите достави американски разузнавачки информации, добил привремен азил во Русија, ја напуштил транзитната зона на московскиот аеродром и официјално влегол на руска територија.

Адвокатот на Сноуден, Анатоли Кучерена, денес информираше дека руските власти му доделиле привремен, едногодишен азил на поранешниот работник под договор на американското разузнавање. 30-годишникот го напуштил аеродромот во рок од неколку часа откако ги добил документите.
Според адвокатот, Сноуден заминал на тајна и безбедна локација.

Тој мина преку еден месец во транзитната зона на Аеродромот Шереметјево откако САД му го поништија пасошот и побараа да биде испорачан поради обвинение за шпионажа.

Дозволата за Сноуден да влезе во Русија би можела да ја зголеми напнатоста меѓу Москва и Вашингтон. Белата куќа денес реагираше на веста, изразувајќи „крајна разочараност“. Американскиот претседател Барак Обама претхoдно побара од рускиот колега Владимир Путин да го испорача Сноуден, но тој одби.

Стручњакот по меѓународни студии и професор на Универзитетот во Ричмонд, Стефан Лонг, за Гласот на Америка коментира на најновиот развој во случајот Сноуден: „Мислам дека воопшто не помага. Веќе имаме доволно напнати односи со Путин, а неговата реакција во овој случај навидум беше со цел да му даде моќ во меѓусебните односи, можеби и за да придобие поени дома, во смисла дека се спротиставил на САД. Тој, навидум, не разбира колку вреден и важен за САД е случајот со Сноуден, така што не сум сигурен дека разбира и каква реакција тоа би можело да предизвика од Вашингтон“.

Пред два месеца, Сноуден до медиумите достави детали за две тајни програми за спречување на терористички напади на американската Агенција за национална безбедност, за собирање на голем број на податоци за телефонски повици и Интернет-пораки. Денес, британскиот весник Гвардијан објави нови детали добиени од Сноуден, за друга програма на Агенцијата, наречена Екскискор, за следење на посетите на Интернет-страници на милиони компјутерски корисници.

Обемот на програмите на Агенцијата изненади голем број Американци и иницираше дебата - дали истиот треба да се ограничи? Обама денес во Белата куќа има средба со клучни претставници на Конгресот за евентуални промени во правилата за разузнавачкото набљудување.

Според нова анкета на Универзитетот Квинипек, Американците со мнозинство од 55 наспроти 34% сметаат дека Сноуден е попрво човек кој открил клучни информации отколку предавник кој обелоденил строго доверливи документи.

Сноуден најпрвин побегна во Хонг Конг, а оттаму замина за Москва на 23-ти јуни. Тој најави дека би сакал на крајот да пристигне во Латинска Америка, каде Венецуела, Никарагва и Боливија веќе му понудија азил.
XS
SM
MD
LG