Линкови за пристапност

Мал ризик од странските борци во САД


Според нова студија, само неколку од нив се вратиле дома

Се чини дека американските државјани и жителите со постојан престој кои ги напуштиле своите домови за да се приклучат на екстремистичките групи во Сирија и Ирак, не претставуваат непосредна закана за САД. Според нова студија, само неколку од нив се вратиле дома.

Во повеќегодишната Програма за екстремизам на Универзитетот Џорџ Вашингтон, биле идентификувани 64 лица т.н. патници кои се бореле или на друг начин ја поддржале Исламската држава, Ал Каида и другите екстремистички организации во Сирија и Ирак. Од нив, се знае дека само 12 лица се вратиле во државата. Девет од нив се уапсени и обвинети за кривични дела поврзани со тероризам.

Никој од нив не успеал да изврши напад во САД, се наведува во студијата.

Во споредба со европските држави, ризикот од овие лица во САД отсекогаш бил помал, делумно поради оддалеченоста и тешкотијата да стасаат до крајната цел.

Разузнавачките служби на САД проценуваат дека од околу 40.000 странски борци кои отпатувале во Сирија и Ирак, само 5 до 6 илјади се од западните земји.

Точниот број на оние кои успешно ги напуштиле САД, не е познат. Официјални лица велат дека околу 250 до 300 лица со живеалиште во САД, заминале или се обиделе да заминат да се борат во Сирија. Многумина не успеале во обидот.

Студијата покажува дека најмалку 50, речиси една третина од обвинетите за кривични дела поврзани со Исламската држава, биле уапсени пред да заминат од САД. Се верува дека 22, од 64-те лица идентификувани во студијата, кои успеале да ги напуштат САД, загинале во Сирија или Ирак. Судбината на другите 28 е непотврдена.

Студијата само во еден случај идентификувала повратник којшто сакал да изврши напад во САД. Тоа е 23-годишниот Абдирахман Шеик Мохамуд, натурализиран американски државјанин од Сомалија, кој во април 2014-та година го напуштил својот дом во Охајо за да се приклучи на екстремистичката група Џабхат ал Нусра.

Додека бил во Сирија, Мохамуд бил обучуван за правење експлозиви, а подоцна се вратил во САД да изврши напад. Но, во февруари 2015-та година, додека се` уште бил во фаза на планирање на нападот, Мохамуд бил уапсен. Тој се изјасни за виновен и беше осуден на 22 години затвор.

Освен Мохамуд, само едно друго лице се обидело да изврши терористички напад, но се вратило во Сирија откако избегнало обвинение во САД.

Во секој случај, авторите на студијата велат дека податоците сугерираат дека стравот што официјалните претставници на САД го искажуваат од „терористичката дијаспора“, се чини дека е претеран.

Други, заканата ја опишуваат како посериозна, способна да направи непропорционален ефект. Тие се загрижени за терористичката организација Исламска држава, која се покажа вешта во одржувањето на контактите, иако нивниот самопрогласен калифат се распаднал.

Студијата на Универзитетот Џорџ Вашингтон исто така посочува дека постојат причини за загриженост.

Додека Мохамуд беше осуден на повеќе од две децении затвор, ко-авторот Симус Хјуз посочува дека просечната казна затвор за оние кои патувале за да се борат во Сирија и Ирак, е само 10 години, многу пократко од просечните затворски казни дадени за џихадисти со седиште во САД, кои биле уапсени на аеродромите.

Дел од тоа се должи на тешкотијата во подготовката на кривично дело засновано на терористичка активност во странство. Хјуз додава дека другата причина може да биде затоа што кога тие се вратат дома, споделуваат разузнавачки информации со властите, и за возврат добиваат помала казна.

Но, и потенцијалните џихадисти, овие лица на крај ќе излезат од затвор. Хјуз и други експерти се загрижени дека немањето на програми за дерадикализација, може да предизвика проблеми за во иднина.

(Џеф Селдин)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG