Линкови за пристапност

Македонија изготвува стратегија за борба против тероризмот


Македонија изготвува стратегија за борба против тероризмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Беше истакнато на меѓународна конференција, што се одржа во Охрид

Балканските држави работат на стратегии за борба против радикалниот екстремизам и тероризам. Ова како заклучок произлезе од меѓународната конференција на тема, „Справување со предизвици од растечкиот верски екстремизам и потребата од негово менаџирање“, којашто се одржа во Охрид. На неа учествуваа експерти по безбедност и претставници на меѓународни институции.

Во Македонија веќе е формиран национален координативен центар за борба против оваа појава, што е прв чекор во јакнењето на капацитетите на државата. Работна група веќе е активна на изработка на таква стратегија.

„За нас како држава е многу важно да ги зајакнеме капацитетите за борба против насилниот екстремизам, и да се спротиставиме на секој облик на тероризам во Македонија. Досега имаше стратегија за броба против тероризмот, но немаше акциски план како тоа да се реализира. Државата мора да има стратешки пристап кон овие сериозни предизвици“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Потребата од ваква стратегија произлегува и од податокот дека преку 150 македонски државјани се бореле на страната на ИСИС во Сирија, Ирак и Авганистан, а 60-тина од нив веќе се вратиле назад.

Спасовски додава дека за успешна борба против трендот, е неопходна превенција и ресоцијализација на лицата кои се радикализирани, но и интензивирање на соработката со службите од регионот.

Експертите сметаат дека се неопходни и дополнителни мерки и активности кои ќе бидат со определена временска динамика.

„Да изградиме посебен систем на мерки и активности за самата идентификација на радикализацијата. Да ги препознаваме формите на самата радикализација и да изградиме посебен систем на дерадикализација. И да ги препознаваме сите оние кои ја вршат таа индоктринација и подготовка од заминување од Македонија“, изјави Злате Димовски, професор по безбедност.

Слични активности се спроведуваат и во Србија. Од територијата на Прешево и Бујановац биле евидентирани пет борци.

„Се работи на еден заеднички концепт на спречување и сузбивање, односно на рана детекција и откривање на сите појави коишто придонесуваат да дојде до терористички акт. И во Србија во план е изработка на национална стратегија за борба против тероризмот“, истакна Звонимир Џорџевиќ, универзитетски професор од Белград.

Амбасадорката на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, ги повика државите од регионот да соработуваат и да разменуваат информации за лицата кои се потенцијална опасност.

Експертите сметаат дека дополнителен проблем е присуството на се` поголем број на жени и деца како странски борци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG