Вашингтон беше домаќин на првата конференција за борба против Исламската држава, по 2014-та година.
Стејт департментот соопшти дека целта на конференцијата била да се забрзаат меѓународните напори во пораз на терористичката организација во Сирија и во Ирак, како и да се зголеми притисокот врз нејзините партнери и мрежи.
На конференцијата присуствуваа министри за надворешни работи и високи претставници од 68 земји, дел од Глобалната коалиција против Исламската држава, предводена од САД, меѓу кои и министерот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски.
Попоски, во интервју за Гласот на Америка, рече дека е важна дерадикализација на Исламската држава, како и справување со радикалните елементи на Балканот.
Според Стејт департментот, коалициските воени операции досега ослободиле 62 проценти од територијата на Ирак, која била контролирана од Исламската држава, и 30 проценти од територијата на Сирија. Во борбата против борците на ИСИС, дваесет и три коалициони партнери имаат и повеќе од девет илјади воени трупи во Ирак и во Сирија.
Извршени биле и 19 илјади воздушни напади, при што биле елиминирани повеќе десетици илјади борци на Исламската држава, а 180 нејзини лидери биле убиени.
Коалицијата, заедно со ирачките воени сили, го ослободи источниот дел на градот Мосул на 24-ти јануари годинава.
Од 2014-та година, пак, наваму, Коалицијата вложила повеќе од 22 милијарди долари во стабилизација, деминирање, како и во економска и хуманитарна помош за Ирак и за Сирија.
Според најавите, оваа помош во текот на 2017-та ќе биде поголема за два милијарди долари.
Стејт департментот соопшти дека приливот на странски борци, кои се пријавуваат да војуваат на страната на ИСИС, бил преполовен минатата година, а една од причините е засилената гранична контрола на Турција.
Глобалната коалиција за борба против борците на Исламска држава ја сочинуваат 68 земји, сојузници на САД, а со поддршка на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), досега се реализирани 350 проекти за стабилизација во текот на последните две години.
Facebook Forum