Украинските пилоти почнаа да летаат „Ф-16“ за операции во државата, изјави вчера претседателот Володимир Зеленски, потврдувајќи го долгоочекуваното пристигнување на борбените авиони од американско производство повеќе од 29 месеци по инвазијата на Русија.
Украинскиот лидер најави употреба на „Ф-16“, за кои Киев долго лобира, додека се сретна со воени пилоти во воздухопловната база опкружена со два од авионите, а уште два летаа над него.
„Ф-16 се во Украина. Ние го направивме тоа. Горд сум на нашите момци кои ги владеат овие авиони и веќе почнаа да ги користат за нашата земја“, рече Зеленски на локација што властите побараа од Ројтерс да не ја објавува од безбедносни причини.
Пристигнувањето на авионите е пресвртница за Украина, иако останува нејасно колку се достапни и колкаво влијание ќе имаат во зајакнувањето на воздушната одбрана и на бојното поле.
Русија ги напаѓа базите во кои може да бидат сместени и вети дека ќе ги собори.
„Ф-16“ долго време беа на листата на желби на Украина поради нивната деструктивна моќ и глобалната достапност.
Тие се опремени со топ од 20 милиметри и можат да носат бомби, ракети и проектили.
Зборувајќи со новинарите на аеродромот, Зеленски рече дека Украина сè уште нема доволно пилоти обучени да ги користат „Ф-16“ или доволно авиони.
„Позитивна работа е што очекуваме дополнителни Ф-16... многу момци сега тренираат“, рече тој.
Важно е, рече тој, сојузниците на Киев да најдат начини да ги прошират програмите за обука и можностите и за украинските пилоти и за инженерските тимови.
Украина претходно се потпираше на застарената флота на воени авиони од советската ера, кои се поразени од понапредната и многу побројна руска флота.
Русија ја искористи таа предност за да изведува редовни ракетни напади со долг дострел на цели низ Украина и, исто така, да ги погоди позициите на украинската линија на фронтот со илјадници наведувани бомби, поддржувајќи ги своите сили кои полека напредуваат на исток.
„Ова е нова фаза на развој на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина“, рече Зеленски.
„Направивме многу за украинските сили да преминат кон нов авијациски стандард, западната борбена авијација“, додаде тој, наведувајќи стотици состаноци и непопустлива дипломатија за добивање на „Ф-16“.
„Често слушавме „невозможно е“ како одговор, но сепак ја овозможивме нашата амбиција, нашата одбранбена потреба“.
Останува нејасно со какви проектили се опремени авионите.
Поголемиот дострел на проектилите ќе им овозможи да имаат поголемо влијание на бојното поле, велат воените аналитичари.
Зеленски рече дека, исто така, се надева, преку разговори на платформата на Советот Украина-НАТО, да лобира во сојузничките соседни земји да помогнат во пресретнувањето на руските ракети кои се лансираат кон Украина.
„Ова е уште една алатка и сакам да ја пробам, за да можат земјите од НАТО да разговараат со Украина за можноста мала коалиција од соседни земји да собори непријателски ракети“, рече тој.
„Оваа одлука веројатно е тешка за нашите партнери. Тие секогаш се плашат од прекумерна ескалација, но ние се бориме со тоа“.
Врховниот командант на Украина, Олександр Сирскиј, рече дека авионите ќе помогнат да се спасат животи на украинските војници.
„Ова значи дека повеќе од окупаторите ќе бидат уништени“, напиша Сирскиј на Фејсбук.
„Тоа значи поголем број соборени проектили и авиони што ги користат руските криминалци за да ги нападнат украинските градови“.