Линкови за пристапност

Ердоган ги обвинува САД за обид за државен удар


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека судскиот случај во Њујорк во кој се инволвирани турски државјани е „обид за политички државен удар“ против него и неговата влада. Тој исто така се закани со воена акција против клучниот сојузник на САД во Сирија, што може дополнително да ги влоши односите меѓу Вашингтон и Анкара.

Ердоган тврди дека пресудата против турскиот банкар е последен обид на ФБИ и ЦИА да го соборат од функцијата. Тој ова го кажа во обраќањето до членовите на неговата Партија на правдата и развојот, во турскиот парламент.

„Оние кои не успеаја во обидот за воен удар на 15-ти јули во Турција, сега бараат поинаков начин“, рече Ердоган, додавајќи дека „случајот во САД е политички обид за државен удар“.

Анкара воедно го обвинува Вашингтон за соработка со турскиот свештеник Фетула Ѓулен, за обидот за државен удар, во кој загинаа околу 150 лица. САД го негираат обвинението. Турција побара од САД да го екстрадираат Ѓулен, кој живее во егзил во Пенсилванија и негира каква било вмешаност во наводите.

Билатералните односи меѓу сојузниците на НАТО веќе се затегнати по обидот за државен удар, а дополнително се влошија по пресудата против извршниот директор на „Халкбанк“, Мехмет Хакан Атила во Њујорк, кој е обвинет за прекршување на американските санкции против Иран.

Турција треба да позајми околу 16 милијарди долари месечно, за да ги покрие своите финансиските обврски.

Ердоган се закани и дека ќе изврши напад врз сириската курдска паравојска (ЈПГ), клучниот сојузник на САД во војната против Исламската држава. Анкара смета дека паравојската е терористичка организација поврзана со тековниот бунт во Турција.

Во време кога Турција ги продлабочува односи со Русија, Ердоган беше во посета на Франција, а провладините медиуми го претставуваат Париз како посигурен сојузник од Вашингтон.

Аналитичарите велат дека со руската и француската поддршка за Курдите во Сирија, постои мала веројатност дека Анкара ќе ги спроведе заканите против групата. Тие велат дека ако продолжи влошувањето на односите со Вашингтон, Анкара најверојатно ќе ја интензивира потрагата по други сојузници.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG