Турските граѓани кои сакаат да патуваат во САД, повторно ќе можат да аплицираат за виза, но чекањето може да биде долго.
Американската амбасада во Анкара неделава објави дека најраните интервјуа за апликантите се закажани за јануари, 2019-та година.
САД ги прекинаа сите неимигрантски визни услуги во Турција на 8-ми октомври, како одговор на апсењето на Метин Топуз, вработен во конзулатот во Истанбул, по обвиненија за тероризам. Како одговор на мерката, Турција ги затвори визните услуги во САД.
Двете држави ги обновија ограничените визни мерки на почетокот на ноември за време на посетата на Вашингтон од страна на турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Во порака на Твитер, од американската амбасада соопштија дека интервјуата за визи „се` уште се ограничени, но им даваме приоритет на работните категории на Ф, Ј, М на апликантите со петиција, како и на апликантите со потреба од медицинско и деловно патување“.
Во соопштението се додава дека интервјуата „се достапни за јануари 2019-та година, а апликантите секогаш можат да изберат да аплицираат надвор од Турција“.
Со Ф, Ј и М виза се обезбедуваат различни типови на академски и професионални студии во САД.
Официјален претставник на Стејт департментот изјави дека целта на суспензија на визните услуги е да се минимизираат посетите на амбасадата и конзулатот „додека ја процениме посветеноста на турската влада за безбедноста на нашите дипломатски објекти и персонал“.
Стејт департментот одби да ги образложи причините за одложувањето на визите во текот на годината.
Односите се влошија по обидот за државен удар во Турција во јули 2016 година, за што владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган го обвини свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД.
Вашингтон ги отфрли турските барања за неговата екстрадиција, велејќи дека Анкара не обезбедила доволно докази за неговото учество во обидот за државен удар. Ѓулен ги негираше обвинувањата. Турција го обвинува и Топуз за поврзаност со мрежата на Ѓулен.
Односите меѓу САД и Турција исто така се затегнати поради американската поддршка на курдските сили ЈПГ, што одиграа важна улога во борбата против екстремистите на Исламската држава во Ирак и Сирија. Турција ја смета групата како терористичка организација.
Ердоган минатиот месец рече дека претседателот Доналд Трамп во телефонски разговор ветил прекин на испораките на оружје на ЈПГ. Но, Пентагон подоцна изјави дека било какви испораки на оружје ќе бидат решени врз основа на потребите на теренот.
Неодамна, Турција реагираше и на судењето на Мехмет Хакан Атила, заменик-директор на турската државна Халкбанк во Њујорк, која е обвинета дека помагала во заобиколување на американските санкции кон Иран.
Facebook Forum