Линкови за пристапност

Трамп: Безбедноста на училиштата ќе биде наш главен приоритет


Претседателот на САД Доналд Трамп се обрати до нацијата по масакрот во Флорида

Претседателот на САД Доналд Трамп, во обраќањето до нацијата по убиството во Флорида, кажа дека со надлежните органи во земјата, ќе разговара за неопходни мерки училиштата да се направат побезбедни и „да се обрне внимание на тешкото прашање за менталното здравје, за да се спречат ваквите масовни убиства“. Тој истакна дека „не е доволно да преземеме активности со кои би се чувствувале дека правиме некоја разлика - ние мораме да ја направиме таа разлика“.

Трамп воедно најави дека наскоро планира да го посети Паркланд, Флорида каде се случи масакрот во средното училиште при што загинаа 17 лица, а повредени се најмалку 15.

Американскиот претседател во обраќањето упати директна порака и до децата и учениците: „Сакам да знаете дека никогаш не сте сами и никогаш нема да бидете оставени сами. Имате луѓе коишто се грижат за вас, кои ве сакаат и кои ќе сторат се` што е во нивна можност, за да ве заштитат“.

Осомничениот сторител е идентификуван како 19-годишен поранешен ученик во училиштето „Марџори Стоунмен Даглас“, Николас Круз, кој денеска беше изнесен пред суд. Тој е обвинет по 17 основи за убиство со умисла. Одредена му е мерка притвор, без право на кауција.

Полицијата го уапси Круз во средата попладне, во непосредна близина на училиштето, додека се обидувал да избега. Градот Паркланд се наоѓа на околу 70 километри од Мајами.

Гувернерот на Флорида Рик Скот, кажа: „Мора да осигураме дека ова нема никогаш да се повтори“.

Според изјави на некои од родителите, од властите се бара поголема контрола на оружјето во САД, а некои повикаа на задолжително обезбедување пред училиштата и поставување метални детектори.

Истрагата за насилството продолжува, а претседателот Трамп на властите во Флорида им понуди федерална помош.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG