Линкови за пристапност

Убиецот од Флорида - член на група бели супремисти


По масакрот во средното училиште, претседателот Трамп најави иницијативи за рано интервенирање во случаите на ментална нестабилност

На 19-годишниот осомничен за масакрот во Флорида, кој беше изведен пред суд, му е одредена мерка притвор, без право на кауција. Николас Криз притоа го призна стореното дело.

Тој претходно беше обвинет по 17 основи за убиство со умисла.

Во меѓувреме, идентификувани се сите жртви во трагедијата во средата - 14 ученици и тројца професори. Во настанот беа повредени најмалку 14 лица.

Претходно, претседателот на САД Доналд Трамп, се обрати пред нацијата по повод масовното убиство во средното училиште, најавувајќи средби со владини претставници ширум САД, за да се осврне на „тешкото прашање за менталното здравје“, со цел превенција на ваквите убиства, а безбедноста на училиштата да се направи приоритет број еден. Тој притоа не спомена предлози за контрола на оружјето.

Подоцна во денот, стотици ужалени лица се собраа пред училиштето „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркланд, Флорида, да ја изразат својата почит за загубените животи. Слични собири имаше и во Калифорнија, Лас Вегас, Тексас и Кентаки.

Водачот на група бели супремисти - Република Флорида, кажа дека Круз бил еден од неговите членови и бил вклучен во паравоени вежби. Но, ниту канцеларијата на шерифот на општината Лион, ниту други надлежни власти, не можеа да потврдат каква било поврзаност меѓу Круз и паравојска.

Главниот правобранител Џеф Сешнс кажа дека сторителите на вакви масовни убиства во Америка, честопати „даваат сигнали однапред“ за нивната ментална нестабилност. „Можеби не сме биле ефикасни во интервенирањето“, додаде тој. „Можеме и мораме да сториме подобро“.

По претходните масовни убиства во САД, одредени законодавци повикаа на заострување на слабите закони на државата за контрола на оружјето. Но, Вториот амандман од Уставот го гарантира правото за поседување оружје.

Поборниците за овие права во Конгресот, поддржани од Националната асоцијација за огнено оружје (NRA), ги сузбија напорите за забрана на продажба на одредени видови оружје или надградби на оружје коишто ја зголемуваат неговата моќ.

Претседателот Трамп издаде прокламација во чест на жртвите и нареди американските знамиња пред официјални згради на САД ширум светот, да бидат спуштени на половина копје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG