Доналд Трамп е обвинет од големата порота на Менхетн за пари исплатени на порноѕвездата Сторми Даниелс, со што стана првиот поранешен претседател на САД кој се соочил со кривични обвиненија, и покрај тоа што повторно се кандидираше за претседател, изјави денес владин извор.
Обвиненијата, кои произлегуваат од истрагата предводена од демократскиот окружен обвинител на Менхетн Алвин Брег, би можеле да ја променат претседателската трка во 2024 година. Трамп претходно изјави дека ќе продолжи со кампањата за номинација на Републиканската партија доколку биде обвинет за кривично дело.
Конкретните обвиненија се` уште не се познати, а обвинението најверојатно ќе биде објавено во наредните денови, објави „Њујорк тајмс“. Трамп ќе мора да отпатува во Менхетн за земање отпечатоци и друга обработка тогаш.
Канцеларијата на Брег и адвокатот што го застапува Трамп не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Големата порота свикана од Брег во јануари почна да разгледува докази за улогата на Трамп во исплатата на Даниелс неколку дена пред претседателските избори во 2016 година, на кои тој победи.
Даниелс, позната актерка и режисерка на филмови за возрасни, чие вистинско име е Стефани Клифорд, изјави дека ги добила парите во замена да молчи за сексуалната врска што ја имала со Трамп во 2006 година.
Личниот адвокат на поранешниот претседател Мајкл Коен изјави дека Трамп им исплатил пари на Даниелс и на поранешниот модел на Плејбој Карен Мекдугал која, исто така, рече дека имала сексуална врска со него. Трамп негираше дека имал афера со која било жена.
Ниту еден поранешен или актуелен претседател на САД досега се соочил со кривична пријава. Трамп, исто така, се соочува со две кривични истраги од специјален советник назначен од американскиот државен обвинител Мерик Гарланд и една од локалниот обвинител во Џорџија.
Во кампањата во 2024 година, Трамп има водство пред своите рани ривали за номинацијата на неговата партија, имајќи ја поддршката од 43 отсто од републиканците во анкетата на Ројтерс/Ипсос во февруари, во споредба со 31 отсто поддршка за неговиот најблизок ривал, гувернерот на Флорида Рон ДеСантис, кој допрва треба да ја објави својата кандидатура.
Се очекува Бајден да се кандидира за реизбор.
Трамп на 18 март напиша на социјалните мрежи дека очекувал да биде уапсен на 21 март и ги повика своите приврзаници да протестираат за „да ја вратат нашата нација назад“, потсетувајќи на неговите предупредувања пред нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Некои водечки републиканци пред обвинението го обвинија Брег за селективно гонење поради политички мотиви.
Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти најави истрага на Конгресот за тоа дали федералното финансирање се користи за поддршка на истрагата на Брег.
Тројца претседавачи на републиканскиот комитет на Претставничкиот дом побараа од Брег да им обезбеди комуникации, документи и сведочења за истрагата.
На 23 март, канцеларијата на Брег им кажа дека Трамп создал „лажно очекување“ дека ќе биде уапсен.
Трамп во 2018 година првично оспоруваше дека знае нешто за исплатата на Даниелс. Подоцна тој призна дека го надоместил Коен за исплатата, која ја нарече „едноставна приватна трансакција“.
Во 2018 година, Коен се изјасни за виновен за прекршување на законот за финансирање на кампања за неговата улога во оркестрирањето на исплатите на Даниелс и Мекдугал и беше осуден на три години затвор. Тој сведочеше дека Трамп го упатил да ги изврши плаќањата.
Коен сведочеше пред големата порота на Менхетн која го истражуваше Трамп на 13 март. Големата порота, исто така, го сослуша Дејвид Пекер, поранешниот издавач на National Enquirer.
Публикацијата на таблоидот ги купи правата на приказната на Мекдугал за нејзината наводна врска со Трамп за 150.000 долари, но никогаш не ја објави.
Даниелс изјави дека имала сексуална врска со Трамп во 2006 година, годината откако тој се оженил со неговата сегашна сопруга Меланија.
Помеѓу тековните легални проблеми на Трамп е кривичната истрага предводена од Фани Вилис, демократска окружна обвинителка во Џорџија, за тоа дали тој незаконски се обидел да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година во таа сојузна држава.
Специјалниот советник Џек Смит одделно го истражува ракувањето на Трамп со доверливите владини документи по напуштањето на функцијата, како и неговите напори да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.
Извор: Ројтерс