Федерален судија одлучи дека поранешниот потпретседател Мајк Пенс ќе мора да сведочи пред големата порота во истрагата на Одделот за правда за напорите на поранешниот претседател Доналд Трамп и неговите сојузници да ги поништат резултатите од изборите во 2020 година.
Тоа е според две лица запознаени со пресудата, кои зборуваа под услов да останат анонимни.
Меѓутоа, тие рекоа дека Пенс нема да мора да одговара на прашања за неговите постапки на 6 јануари 2021 година, кога толпа приврзаници на Трамп насилно упаднаа во зградата додека Пенс претседаваше со заедничката седница на Конгресот за да го потврди гласањето.
Пенс и неговите адвокати наведоа уставни основи при оспорувањето на поканата. Тие тврдеа дека, бидејќи тој служел во својство на претседател на Сенатот тој ден, тој бил заштитен од тоа да биде принуден да сведочи според клаузулата за „говор или дебата“ на Уставот, која има за цел да ги заштити членовите на Конгресот од испрашување.
Тимот на Пенс проценува дали ќе поднесе жалба.
Пенс беше повикан претходно оваа година да се појави пред големата порота во Вашингтон која го истражува мешањето во изборите.
Специјалниот обвинтел на Одделот за правда Џек Смит ги истражува обидите на Трамп и неговите сојузници да ги поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година за да го задржат Трамп на власт.
Портпаролот на канцеларијата на специјалниот советник одби да коментира.
Пенс опширно зборуваше за кампањата за притисок на Трамп, барајќи од него да ја отфрли победата на претседателот Џо Бајден во деновите пред 6 јануари, вклучително и во неговата книга. Пенс, како потпретседател, имаше церемонијална улога надгледувајќи го пребројувањето на гласовите, но немаше моќ да влијае на резултатите.
Пенс рече дека Трамп го загрозил неговото семејство и сите други кои биле во Капитол тој ден и рече дека историјата ќе бара одговорност од него.
Извор: АП