Трамп е првиот претседател на САД, на функцијата или по завршувањето на неговиот мандат, некогаш формално обвинет за кривични дела во 247-годишната историја на земјата.
Но, сега, дури и кога националните анкети покажуваат дека тој има убедливо водство за републиканската претседателска номинација во 2024 година, тој е обвинет четирипати во последните четири месеци и се соочува со неколку судења во наредните месеци.
Тој се потсмеваше на обвинението во Џорџија, велејќи на Truth Social дека следниот понеделник ќе објави „непобитен извештај“ во кој ќе покаже дека изборниот исход во Џорџија бил наместен против него и оти неговите докази ќе доведат до „целосно ослободување“ на него и другите 18 обвинети.
Судиите отфрлија десетици тужби на Трамп за изборна измама, вклучително и во Џорџија.
Гувернерот на Џорџија Брајан Кемп, на социјалната мрежа Х рече: „Изборите во 2020 година во Џорџија не беа украдени. Веќе скоро три години, секој со докази за измама не успева да излезе - под заклетва - и да докаже ништо на суд. Нашите избори во Џорџија се сигурни, достапни и фер и ќе продолжат да бидат се` додека јас сум гувернер“.
Обвинителите во Џорџија ќе мора да докажат дека поранешниот претседател прекршил два или повеќе закони на сојузната држава како дел од шемата за поништување на изборните резултати.
Меѓу обвинетите заедно со Трамп се и поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа Марк Медоус, адвокатот на Трамп Руди Џулијани, поранешен федерален обвинител и градоначалник на Њујорк, и поранешниот функционер на Одделот за правда Џефри Кларк, кого Трамп размислуваше да го именува за државен обвинител во последните денови од неговата администрација на почетокот на 2021 година.
Окружниот обвинител на округот Фултон Фани Вилис им рече на новинарите на прес-конференција доцна вчера дека обвинетите биле дел од криминален потфат во округот Фултон и на други места за „да ја постигнат незаконската цел да му се дозволи на Доналд Џ. Трамп да го искористи претседателскиот мандат“ што започна на 20 јануари 2021 година.
Обвинението детализира бројни наводи како дел од тој наводен напор, вклучително и повторување на тврдењата за измама на гласачите до официјални лица во Џорџија во обид да ги убедат законодавците во Џорџија да одат против изборните резултати и да назначат листа на гласачи во изборниот колеџ поволни за Трамп.
„Сите избори во нашата нација ги спроведуваат сојузните држави, на кои им е дадена одговорност да обезбедат фер процес и точно пребројување на гласовите“, рече Вилис.
„Улогата на сојузните држави во овој процес е суштинска за функционирањето на нашата демократија“.
Претседателот на САД Џо Бајден во 2020 година беше првиот демократ кој победил во Џорџија од 1992 година.
Вилис рече дека времето на судењето во случајот зависи од дискрецијата на назначениот судија, но дека нејзината канцеларија ќе предложи судењето да се одржи во следните шест месеци, брз распоред што можеби нема да биде возможен со 19 обвинети.
Таа, исто така, рече дека додека големата порота издавала налози за апсење на обвинетите, нејзината канцеларија им дозволувала доброволно да се предадат до пладне на 25 август.
Кампањата на поранешниот претседател не чекаше да се откријат обвиненијата пред да издаде изјава во која го обвинува Вилис за темпирана истрага за постапките на Трамп „да се обиде максимално да се меша во претседателската трка во 2024 година и да ѝ наштети на доминантната кампања на Трамп“.
Вилис им рече на новинарите дека нејзините одлуки се засноваат на факти и дека законот е „целосно непартиски“.
„Ги гледаме фактите, го гледаме законот и покренуваме обвиненија“, рече Вилис.
Трамп на својата страница Truth Social вчера рече дека „не се мешал во изборите“, а во објавата рано денес тој ја нарече Вилис „надвор од контрола и многу корумпирана“.
„Зошто не поднесоа обвинение пред 2,5 години? Затоа што сакаа да го направат тоа среде мојата политичка кампања“, рече Трамп.
„Лов на вештерки!“