СКОПЈЕ - Видно вознемирен и во лоша физичка и психичка состојба, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска се појави на јавната седница во Врховниот суд каде се расправаше по неговата жалба за одредениот притвор. Ѓорчевски е осомничен за помагање во грабнувањето на неговата ќерка и повеќе од три месеци се наоѓа во притвор.
Во своето излагање пред судот тој даде крајно драматичен исказ:
„Јас сум поделен на два света. Во моментот едното дете ми се наоѓа тука, другото го одземаа. Воопшто не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, туку конечно да ја дочекам за да ја донесам одлуката дали ќе продолжам на овој свет или кај другото дете“, изјави Ѓорчевски пред судот.
Врховниот суд неколку часа подоцна донесе одлука со која ја одби жалбата на Александар Ѓорчевски како неоснована.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд по одржаната јавна седница донесе Решение ВКЖ1-11/24 со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, ја одби како неоснована и го потврди решението на Алепациониот суд Скопје“, соопштија од Врховниот суд.
Минатиот месец Апелацискиот суд исто така ја одби жалбата на Александар Ѓорчевски .
Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, по завршувањето на седницата повтори дека неговиот клиент не се познава со останатите осомничени и нема доказ дека тој комуницирал со нив и затоа не треба да се продолжи мерката притвор особено во овој случај бидејќи станува збор за превентивен.
„Основано сомнение дека било извршено кривично дело подразбира постоење на факти и информации за кои некој би можел да се убеди дека осомничениот го сторил делото. Јавниот обвинител не ме удостои она што е негова законска обврска да ми ги предочи доказите, иако и на тоа се повика при сослушувањето на Александар, кое е видео снимено и до ден денеска не постапил по тоа барање“, рече Туфегџиќ.
Тој се осврна и на исказот на неговиот клиент, таткото на Вања и кажа дека минува низ процес на загуба и неговото однесување е здрава реакција на загуба на своето дете.
Обвинителството остана на ставот жалбата да се отфрли и Александар Ѓорчевски да остане во притвор.
„Во тек е вештачење на телефонските разговори од кои како докази се извлекува неспорно сомнение дека го сторил кривично дело. Се уште постои причина за притвор, бидејќи станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица и одземен млад живот. Осомничениот може да се даде во бегство“, изјави обвинителката Наталија Тасевска.
Вчера судија на претходна постапка во скопскиот кривичен суд на барање на Обвинителството го укина притворот и го замени со куќен на Стефан Димовски кој го превезуваше осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо од Србија во Турција.
„Со оглед на кривичното дело за кое е осомничено лицето и запретената затворска казна, максималното законски возможно траење на притворот за овој осомничен е три месеци. По истекот на тој рок, притворската мерка за осомничениот е заменета со соодветни мерки на претпазливост“, соопштија од Обвинителството.
Постапката за екстрадиција на Палевски осомничен за убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска од Турција е во тек а надлежните уверуваат дека тој ќе биде испорачан набрзо.
Во притвор остануваат осомничените соучесници Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски.