Линкови за пристапност

САД: Русија се обидува да ја комплицира истрагата во Сирија


Истражителите од Организацијата за забрана на хемиското оружје во саботата пристигнаа во Сирија, но не можеа да започнат со работа

Стејт департментот соопшти дека Русија се обидела да ја блокира меѓународната истрага за наводниот напад со хемиско оружје во Сирија „правејќи ја покомплицирана.“

„Тие најверојатно го прават тоа затоа што знаат дека колку подолго локацијата е непроверена, поголема е веројатноста дека елементите и хемикалиите можат да исчезнат", изјави за телевизијата „Алхура“ портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нуерт.

Истражителите од Организацијата за забрана на хемиското оружје во саботата пристигнаа во Сирија, но не можеа да започнат со работа.

Руски официјален претставник вели дека тимот на Организацијата утре треба да посети област источно од Дамаск.

Русија за одложувањето ги обвини воздушните напади врз трите објекти за хемиско оружје што во саботата ги извршија САД, Франција и Велика Британија.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков рече дека мисијата е блокирана бидејќи немало согласност од Одделот за безбедност на ОН.

Официјални лица од ОН го оспорија тврдењето на рускиот претставник.

„ОН обезбедија неопходна дозвола за тимот на Организацијата за забрана на хемиското оружје да ја извршат својата работа во Дума“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дујарич.

Тој додаде дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш силно ја поддржува истрагата.

Претставникот на САД во Организацијата за забрана на хемиското оружје, Кен Вард, изјави дека Русија веќе ја посетила локацијата и искажа загриженост заради можноста од промена на состојбата на теренот, пред истражителите да ја спроведат мисијата за утврдување на фактите.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го негираше обвинението, и за „Би-Би-Си“ изјави дека гарантира оти Русија не извршила промена на состојбата на теренот.

Лавров рече дека доказите што ги наведуваат САД, Велика Британија и Франција за оправдување на ракетниот напад се засновани „на медиумските извештаи и на социјалните медиуми“. Тој негираше дека се случил напад со хемиско оружје, обвинувајќи ја Британија за оркестрирање на нападот.

Групата од седум водечки индустријализирани држави (Г-7) издаде заедничко соопштение поддржувајќи ги воздушните напади.

Нуерт за „Алхура“ кажа дека САД се залагаат за повторно фокусирање на т.н. Женевски процес што ОН го започна во 2012-та година како патоказ за ставање крај на сирискиот конфликт.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини на министерски состанок направи сличен повик велејќи дека постои јасна потреба да се поттикне повторното отворање на мировниот процес предводен од ОН.

Во Советот за безбедност на ОН, Франција предложи нова нацрт резолуција која се однесува на три клучни аспекти на конфликтот - хемиското оружје, хуманитарните прашања и политичкиот процес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG