Белата куќа соопшти дека САД размислуваат да воведат дополнителни економски санкции против Русија, заради нејзината улога во поддршката на сирискиот претседател Башар ал Асад во седумгодишната граѓанска војна во Сирија и неговата употреба на хемиско оружје.
Портпаролката Сара Хакаби Сандерс, изјави дека одлуката „ќе биде донесена во блиска иднина“.
Во неделата, американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, посочи дека веќе има одлука за воведување санкции.
Хејли за ТВ-мрежата Си-Би-Ес, истакна дека „секретарот за финансии Стивен Мнучин, се очекува ова да го обелодени денеска и дека мерката би била директно насочена кон какви било компании за опрема поврзана со Асад и употребата на хемиско оружје“.
Американската амбасадорка додаде дека „сите знаат оти испративме силна порака“ со нападот на САД, Британија и Франција од саботата врз сириските објекти за хемиско оружје и „се надеваме дека ќе ја слушнат таа порака“.
Москва веќе ја осуди можноста за нови санкции, кои би биле ополнение на претходните мерки на Западот.
„И натаму овие санкции ги сметаме за илегални и убедени сме дека секој економист може да согледа отворени обиди за истиснување на руските компании од глобалните пазари. Тоа не е ништо помалку од приграбување на меѓународното богатство“.
Facebook Forum