Линкови за пристапност

Гувернерот на Висконсин избегна отповикување на специјални избори


Аналитичарите сметаат дека победата ќе има импликации по претседателските избори.

Гувернерот на Висконсин, републиканецот Скот Вокер победи на специјалните избори распишани по петицијата за негово отповикување, настан за кој аналитичарите сметаат дека ќе има импликации по претседателските избори во САД закажани за ноември годинава.

Вокер го победи демократскиот противкандидат и градоначалник на Милвоки Том Берет со речиси двојна разлика во гласовите на изборите одбележани со голема излезност. Берет, кој загуби од Вокер и на изборите за гувернер во 2010-та, го призна поразот само неколку часа откако заврши гласањето.

Кусо време откако стапи на функцијата, Вокер изврши притисок за донесување на закон што значително ги ограничи договорните права за покачување на примањата и други бенефиции на повеќето вработени во владата на Висконсин. На тоа жестоко реагираа синдикатите и активистите на Демократската партија, по што уследија неколкудневни масовни протести во Медисон, главниот град на сојузната држава. На широка јавна кампања нешто порано годинава беа собрани речиси еден милион потписи за петицијата за специјални избори за евентуално отповикување на Вокер.

Резултатите „ќе одекнат преку границите на Висконсин“.
Мит Ромни, претседателски кандидат

Изборите го привлекоа вниманието на републиканските и демократски симпатизери ширум САД. Вокер собра 30 милиони долари за предизборната кампања, далеку повеќе од 4-те на Берет.

Во говорот по победата, Вокер истакна дека гласачите го поддржале неговото лидерство. Тој стана првиот гувернер во американската историја кој избегна отповикување на специјални избори. Тоа претходно не им успеа на два гувернера. На последното вакво гласање во 2003-та, тогашниот гувернер на Калифорнија Греј Дејвис загуби од противкандидатот и актер Арнолд Шварценегер.

Најверојатниот републикански кандидат за претседателските избори Мит Ромни по повод победата на Вокер изјави дека резултатите „ќе одекнат преку границите на Висконсин“.

Политичките аналитичари сметаат дека триумфот на Вокер би можел да значи дека Ромни има шанси да го победи претседателот Барак Обама во ноември. Обама лесно победи во Висконсин на изборите 2008-ма. Анкета, пак, во која учествуваа гласачи на вчерашните избори, индицира дека Обама е во предност пред Ромни.
XS
SM
MD
LG