Линкови за пристапност

Во Висконсин гласање за отповикување на гувернерот


На специјалните избори во сојузната држава се гледа и како на тест за претседателската трка меѓу Обама и Ромни.

Жителите на сојузната држава Висконсин во среднозападниот дел на САД денес гласаат на специјални избори за евентуално отповикување на републиканскиот гувернер Скот Вокер.

Според најновите анкети, Вокер има мала предност пред демократскиот противкандидат Том Берет, градоначалникот на Милвоки. Вокер го порази Берет на општите избори 2010-та.

Кусо време откако стапи на функцијата, Вокер изврши притисок за донесување на закон со кој значително се ограничија договорните права за покачување на примањата и други бенефиции на повеќето вработени во владата на Висконсин. На тоа жестоко реагираа синдикатите и активистите на Демократската партија, по што уследија неколкудневни масовни протести во Медисон, главниот град на сојузната држава. На широка јавна кампања нешто порано годинава беа собрани речиси еден милион потписи за петицијата за специјални избори за евентуално отповикување на Вокер.

Изборите во Висконсин го привлекоа вниманието на републиканските и демократски симпатизери ширум САД. Вокер собра 30 милиони долари за предизборната кампања, далеку повеќе од 4-те на Берет. Демократите, сепак, се надеваат дека ќе ја надминат разликата во финансирањето со широка кампања што се залага за што е можно поголем одзив на гласачите.

На изборите во Висконсин се гледа и како на тест за претседателската трка меѓу претседателот Барак Обама и најверојатниот републикански кандидат Мит Ромни. Обама лесно победи во Висконсин на изборите 2008-ма, но евентуалниот триумф на Вокер би можел да сугерира дека Ромни има шанси да ја освои сојузната држава на претседателските избори овој ноември.
XS
SM
MD
LG