Линкови за пристапност

Спасовски: „Го фативме монструмот“- Палевски уапсен во Баликесир, Турција


Денеска попладнево турските колеги го апсат додека се движел пешки по еден од автопатиштата меѓутоа во Баликесир, рече Спасовски
Денеска попладнево турските колеги го апсат додека се движел пешки по еден од автопатиштата меѓутоа во Баликесир, рече Спасовски

Постапката за екстрадиција почнува веднаш преку министерството за правда. Спасовски очекува да биде во најкус можен временски рок донесен во државата. Против петмината осомничени МВР поднесе кривични пријави за грабнување убиство, соизвршителство и помагање.

СКОПЈЕ – Љупчо Палевски, осомничен за грабнување и убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, попладнево е уапсен во градот Баликесир во Турција, потврди вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вонредна прес конференција.

„Штотуку добивме известување од колегите од Турција дека креаторот, планерот и директниот извршител на овие кривични дела е фатен на нивна територија, идентично со нашите сознанија за траекторијата. Тоа беше последната алка која ни недостасуваше за да кажеме дека сме сториле се и сосема да ги разобличиме овие монструми кои ги сторија кривичните дела кои длабоко не потресоа сите“, кажа Спасовски.

Тој во детали го објасни начинот на кој Палевски се обидувал да побегне што е можно подалеку.

„Вчера информиравме дека лице од Скопје негов адвокат со негово возило, „шкода суперб“, го однел во Србија, понатаму таму е оставен во еден хотел. Оттаму наредниот ден го превзема исто така друго лице од Скопје со џип „Ренџ Ровер“ и преку граничниот премин „Градина“ влегува во Република Бугарија. Има транспорт практично низ територијата на Р. Бугарија и влегува во Турција“, појасни Спасовски.

Палевски влегува во Турција викендов.

Но во меѓувреме е распишана итна меѓународна потерница преку Интерпол т.н. „Црвена потерница“ која во истиот момент е активна во сите држави членки на Интерпол. Во потерницата Палевски се бара за грабнување и убиство.

Информациите се потврдени дека тој е во Турција и преку билатерална соработка со турската полиција Палевски е лоциран во градот Баликесир. Се обидува да ги скрие трагите но неуспешно и попладнево е уапсен.

„Во Турција оди во градот Баликесир и нашите служби од секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно во контакт со нивен оперативен извор кој за многу кратко време даде повратна информација дека лицето е во Баликесир. Неговите намери се оттаму да замине за Истанбул. Се подготвува и најмува такси-возач за да оди во Истанбул. Тука е практично симулирањето дека ќе оди. Излегува со такси возилото од градот и потоа се враќа назад. Денеска попладнево турските колеги го апсат додека се движел пешки по еден од автопатиштата меѓутоа во Баликесир“, рече Спасовски.

Детали за апсењето на Љупчо Палевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:57 0:00

Кога Палевски ќе биде донесен во Македонија не може да се предвиди бидејќи станува збор за официјална постапка за екстрадиција. Спасовски е оптимист дека тоа е биде набрзо.

Првиот човек на полицијата ја нарече политичката партија на Палевски „Десна“ – дувло и обвини за странско влијание.

„ Таа партија мора да биде дерегистрирана. Не знаеме какви ставови застапуваа лицето и неговата партија? Не знаеме дека директно се спротивставија на напредокот на државата, се спротивставија на НАТО“,рече Спасовски

МВР вечерва поднесе кривични пријави против петмината осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

„Таа е изготвена на повеќе од 100 страници согласно доказите собрани во предистрагата и предадена е во Обвинителството“, рече Спасовски.

Љупчо Палевски е осомничен за грабнување и убиство, Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски ќе одговараат за соизвршителство и при грабнување и две дела убиство а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, се товари за помагање при извршување на грабнување на малолетно лице.

„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „Цитроен“ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.

На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „Цитроен“, соопштија од Обвинителството.

Осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

За нив е побаран 30 дневен притвор а некаде околу 20 часот тие беа спроведени од истражниот затвор во Кривичниот суд на распит. Во судот пристигнаа под силно полициско обезбедување со лисици на рацете, избричени глави и целосни затворски одела.

XS
SM
MD
LG