СКОПЈЕ – Палевски ќе остане во притвор во Турција додека не биде завршена постапката за негова екстрадиција. Барањето го изготви Обвинителството а попладнево беше потпишано и од министерот за правда Кренар Лога. Од Правда соопштија дека нема да чекаат 40 дена како што е процедурата туку во моментот кога ќе биде преведено ќе го испратат по брза пошта до турските власти.
„Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, соопштија од правда.
Обемната документација која ќе се достави до властите во Турција ги содржи наредбата за истражна постапка против Палевски, решението на скопскиот Кривичен суд за одреден притвор и назначен бранител по службена должност и наредбата за распишување на итна меѓународна потерница.
„Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Вчера доцна вечер, судија на претходна постапка, на четворицата осомничени, Александар Ѓорчевски, Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски им го продолжи притворот за нови 30 дена.
Претседателот Стево Пендаровски ги критикуваше поединците политичари кои се обидоа да соберат поени на оваа трагедија и ставија етнички предзнак на злосторот и случајот.
„ Мислам дека кај таквите профили, ај да ги наречам луѓе политичари не помагаат апели, мислам дека тоа не допира до нивната свест, така се скроени и така мислат дека треба да се води политиката а е исклучително опасно во Македонија со ваква внатрешна етничка и религиска структура да се поигруваш со говор на омраза. Тие партии и политичари треба да се санкционираат. Нема потреба од апели, не им допира до свеста не им допира до умот. Особено првоосомничениот е познат по таква реторика со говор на омраза децении и децении наназад и никој ништо не му направил во смисла на процедура“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Палевски беше уапсен вчера попладне во градот Басакесир во Турција.
Според обвинителството, Палевски, Кешишов. Маневски и Видевски на 22 ноември дошле во неговиот дом во Велес за да му го земат автомобилот кој им бил потребен за да го користат при киднапирањето на Вања. Откако тој одбил го нападнале, врзале и ликвидирале. Телото го закопале во близина на селото Рудник. На 27 ноември утрото ја грабнуваат Вања Ѓорчевска. Ќе ја совладаат и врзат во заедничките простории од зградата и ќе ја стават во багажникот од „цитроенот“ на веќе убиениот Жежовски. Што не било според планот и зошто четиринаесет годишното дете било ликвидирано по само неколку часа ќе даде одговор истрагата.
Таа е закопана во атарот на селото Бразда а во близина, во атарот на истото село, тие го палат автомобилот „цитроен“ за да ги уништат трагите и бегаат.