Американскиот претседател Џо Бајден се сретна со шведскиот премиер Улф Кристерсон додека Белата куќа работи на убедување на Турција да го одобри приемот на Шведска во НАТО пред самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија, следната недела.
„Шведска ќе го направи нашиот сојуз посилен и има исти вредности што ги имаме во НАТО“, му рече Бајден на Кристерсон пред нивниот состанок во Белата куќа денес.
„Навистина со нетрпение го очекувам вашето членство“.
Шведска и Финска ја напуштија својата политика на воена неутралност и аплицираа за членство во НАТО по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
„Високо ја цениме вашата силна поддршка за приемот на Шведска во НАТО“, рече Кристерсон.
„Бараме заедничка заштита. Но, ние, исто така, мислиме дека имаме работи со кои ќе придонесеме за безбедноста за цело НАТО“.
Финска беше целосно прифатена во НАТО во април. Но, понудата на Шведска не е ратификувана од Турција и Унгарија, во процес кој мора да биде едногласен меѓу сите сегашни членки.
Анкара ја обвини Шведска дека е премногу попустлива кон милитантните курдски организации, кои Турција ги смета за терористички групи.
Турција побара реформи, а Шведска ги донесе, вклучително и нов антитерористички закон.
Но, изгледа сè понејасно дали членството на Шведска ќе биде одобрено до почетокот на самитот во Вилнус на 11 јули.
„Сето ова е во рацете на една личност, во умот на една личност, тоа е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, рече Кристофер Скалуба, кој ја предводи Иницијативата за трансатлантска безбедност во Центарот за стратегија и безбедност на Атлантскиот совет.
„Ако треба да погодам, веројатно ќе видиме некоја драма на маргините на Вилнус“.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, рече дека Бајден и Кристерсон разговарале и за координацијата во однос на Кина, како и за решавање на климатските промени и новите технологии.
Ердоган во понеделникот сигнализираше дека неговата земја не е подготвена да ја ратификува кандидатурата на Шведска за НАТО.
Тој го критикуваше неодамнешниот протест за палење на Куранот во Шведска и ја нарече наводната неактивност на Стокхолм против терористичките организации и исламофобијата како една од точките на „црвената линија“ на Турција.