Линкови за пристапност

Со измените на Кривичниот законик Груевски не се враќа во Македонија, тврди Пендаровски


Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски, пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк, говори во интервју за Гласот на Америка (22 септември, 2023 година)
Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски, пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк, говори во интервју за Гласот на Америка (22 септември, 2023 година)

Пендаровски во интервју за Гласот на Америка, по неговиот говор пред светските лидери во ОН, вели дека Руската Федерација направи илегална акција со нападот врз Украина; За протераните руски дипломати, Пендаровски вели дека тие имале статус на дипломати, но се занимавале со шпионажа.

Со последните измени на кривичниот законик, Никола Груевски, нема да се врати во Македонија, тврди претседателот на државата, Стево Пендаровски во интервју за Гласот на Америка на македонски, прашан по измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за делото злупотреба на функиција. „Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно“, рече Пендаровски.

Сепак, Пендаровски не може да гарантира сценарио дека Груевски би бил испорачан пред правдата во случај да се врати во државата.

Запрашан каква порака очекува од американска страна по ставот на Стејт департментот за измените во Кривичниот законик дека корупцијата може да ги поткопа аспирациите на Северна Македонија, Пендаровски вели дека ваквиот став на американската влада не доаѓа директно по измените на Кривичниот законик, туку тоа биле веќе познати ставови и од европски претставници. Тој се согласува дека државата нема доволно напори за намалување на корупцијата.

На прашањето зошто ги дозволи измените на Кривичниот законик, Пендаровски рече „затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата.“

„Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот“, вели Пендаровски во интервјуто.

Тој смета дека главниот проблем е во неспроведување на законите, нивната селективна примена или „обидите да се најдат ‘дупки’ во законите“.

Во продолжение дел од интервјуто со Пендаровски во писмена форма:

Глас на Америка: Во обраќањето во Обединетите нации пред светските лидери порачавте дека треба да се надмине стравот од глад, сиромаштија, и војна, а за тоа лидерите треба да постават надеж. Пред Советот за безбедност испративте јасна порака за примирје на војната во Украина. Меѓутоа, измината недела бевме сведоци во односот на руската страна кон украинскиот претседател Володимир Зеленски. Дали има надеж за прекин на војната во Украина?

Пендаровски: Улогата на малите држави во меѓународниот поредок никогаш не била таква, да тие диктираат трендови во меѓународните односи, тие се повеќе егзекутори или следбеници на политиките кои објективно големите политики ги креираат. Но, тоа не значи дека треба да останеме неми пред некои очигледни неправди или кршење на принципите на Повелбата на Организацијата во која сите сме зачленети по сопствена волја.

Сега, тука има два аспекта. Првиот е околу несигурноста или стравот кој владее во светот што е практично последица на генералното чувство дека нашите животи, било каде да живеете на планетава, станаа прилично непредвидливи, никој не знае што носи утрешниот ден. Војната во Украина и руската инвазија таму, само го засили тоа чувство на глобално ниво. Прекина неколку ланци за храна, енергија... доведе во опасност многу други ланци за комуникации за снабдување со основни животни потреби на граѓаните на сите континенти, меѓутоа има и една друга серија на трендови во меѓународните односи кои сега станаа повидливи заради војната во Украина.

Во делот на Украина, повторно зависи од напаѓачот – од оној кој флагрантно ги прекрши сите принципи кои се состојат и ги има во Повелбата на ОН – главниот принцип е суверена еднаквост – независно колку е голем како држава, сите тука сме еднакви како држава – еден глас. Меѓутоа, Руската Федерација, за жал, членка на Совет за безбедност, постојана, нападна друга членка на Обединети нации, што е недозволено од било кој аспект. Дали ќе има наскоро примирје и да се отвори патот за преговори, според мое убедување, исклучиво зависи од Руската Федерација, дали тие ќе се согласат да се повлечат од окупираните територии зашто е неспорно дека Руската Федерација направи илегална акција со тој напад врз Украина.

Глас на Америка: Како гледате на односот од руска страна кон Зеленски?

Руската делегација се оглушува на сите барања на цивилизираниот и демократскиот свет. Да не заборавиме дека резолуциите со кои се потврдува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина беше изгласан со повеќе од 140 гласови тука во Обединетите нации. Тоа е големо мнозинство на држави кои ја осудија таа агресија. Тие (руската делегација) се однесуваат со одбивање да ја прифатат реалноста, да ја согледаат реалноста и да се однесуваат во согласност на таа реално. Тие (Русија) се илегално на територијата на Украина, без повлекување на нивните трупи, не може да стане збор за никакви преговори на рамноправна основа. Нашиот став како држава е дека под кој услови би дошло до прекин на огнот и како би биле кои би биле одредбите од тој евентуално финален договор меѓу руската федерација и Украина во однос на рускиот напад во Украина, зависи само од Украинците. Тоа е нивна држава, неспорно е дека Русите се влезени на туѓа територија, и јасно е дека само под условите кои Украинците ги сакаат и ќе ги предлагаат ќе мора тоа да се реши на крајот.

За жал, во моментов, и покрај овие напори на украинска страна и на некои меѓународни актери да предложат решение за мир, немаме некаков напредок. Проценките на нашите партнери, особено во НАТО Алијансата е дека војната ќе трае. За жал, тоа значи нова девастација, нови изгубени животи, а и досега има огромно страдање, пред се на украинскиот народ како и украинските цивили

Глас на Америка: Северна Македонија протера руски дипломати од државата, а руската страна најави одговор на тоа. Како ова влијае во односите?

Во изминатите две години, без последните тројца, протеравме 18 руски дипломати кои практично имаа статус на дипломати, а се занимаваа со шпионажа. Во сите случаи, во секој поединечен случај од тие 18 и плус овие три, нашите служби, со помош на партнерските служби од НАТО алијансата докажаа до последна буква дека тие излегуваат надвор на статусот кој им е даден кога доаѓаат во Македонија, значи тие не беа дипломати и затоа беа протерани. Логично е и тие ќе возвратат со реципрочни мерки, но ние немавме друг избор како држава. Сите надлежни служби кај нас и таа за надворешно разузнавање и таа за внатрешно, имаат заеднички извештај во однос на активностите на тие тројца дипломати и одлуката на државниот врв беше неминорна, нема тука избор, нема опција, премногу е јасно дека тие не се бавеле со дипломатски активности онака како предвидуваат виенските конвенции.

Глас на Америка: Какви пораки очекувате од американска страна во однос на корупцијата, со оглед на тоа што Стејт департментот во однос на измените на Кривичниот законик порача дека корупцијата може да ги поткопа аспирациите на Северна Македонија?

Тоа е неспорно, и тоа не доаѓа само од Стејт департментот. Имаме такви пораки и од неколку наши европски партнери, на пример од Холандија и од ЕК, имаме такви серии на укажувања наназад. И тоа морам да го потенцирам – не е во директна корелација со измените на Кривичниот законик, како што некои мислат, за жал корупцијата во Македонија има системски проблеми и тоа е подолг период наназад.

(Ваквиот став) доаѓа по измените (на Кривичниот законик), на прашање на новинар – што мислите – без да се реферираат на конкретните измени, туку на индиректен начин кажуваат дека тој проблем е голем. И втората точка од нивното соопштение – нивниот став – е дека тие сметаат дека напорите кои ние ги вложуваме за да го намалиме обемот на таа високата корупција е недоволен. И по двете точки дека тоа е голем проблем и второ двојно да ги зголемиме напорите – по двете точки се согласуваме. За жал, јасно е дека обврската е на наша страна и тоа не е само во интерес на американските граѓани, туку во интерес на македонските граѓани кои сакаат да видат држава со минимална корупција, за жал, не сме таму.

Глас на Америка: Зошто ги дозволивте измените на Кривичниот законик?

Пендаровски: Затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата. Наспроти тоа, што некој вели, тоа може да придонесе – не може да придонесе. Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот. И тоа е на линија на тоа што го имаат неколку европски законодавства, на пример Германија. Тоа е првиот дел, а тоа дали некој понатаму може да прави селективна примена на законот, погрешна примена на законот или воопшто да не го применува, тоа е веќе проблем на имплементацијата на законите какви што ги имаме во Македонија.

Јас тврдам дека во Македонија, корупцијата која е на недозволено високо ниво, не е само заради содржината на законите, туку дека главниот проблем е неспроведувањето на законите или селективната примена на законите или обидите да се најдат „дупки“ во законите, преку кои треба да се санкционираат случаите, особено на таканаречена висока корупција – на функционери. 32 години во Македонија ние немаме успешно завршена една процедура, барем во еден разумен период за висок функционер, а имаме толку сознанија во медиумите дека јавните ресурси се практично со години наназад се крадат и за тоа никој не сноси одговорност или сносат одговорност „ситните риби“ кои најдолу на тој ланец на корупцијата.

Глас на Америка: Таков е случајот и со поранешниот премиер Никола Груевски за кој правници, а и јавноста веќе излегоа со реакции за можност на некој начин тој да биде „амнестиран“. Како вие би се чувствувале доколку во Северна Македонија се врати Никола Груевски како слободен граѓанин?

Пендаровски: Коментарите што ги слушнав, во однос на измените на Кривичниот законик се од два типа. На пример еден од најголемите експерти за кривично право во Македонија, професорот Калајџиев, не најде никакви одредби кои овозможуваат амнестија, како што јас не гледам.

Нема амнестија. Ако не се предвидуваат казни или ако се брише делото, а тоа не е случај, во тој случај би рекле да, има амнестија.

Пости (опција за застарување на кривичното дело), меѓутоа само се намалува времето за кое застаруваат (кривичните дела). Јас можам да ви кажам за дел од тие одредби барем членот 353 (злоупотреба на службена положба и овластување), (делата) застаруваат за 8 години.

Не е амнестија на ниту еден начин. Ако тоа навистина беше амнестија, Груевски денеска ќе беше во Македонија. Груевски не е во Македонија.

Луѓето велат ги намалувате роковите за застарување и сега во тој дел спротивставувам друг аргумент – имаме маса одлуки на судот во Стразбур кој носи одлуки против македонското правосудство, во неколку случаи, заради тоа што не сме суделе во разумен рок. Вие не можете да ги влечкате постапките со децении и на крај да заборавиме колку пати е вратен предметот на судење. Судењето во разумен рок е европски критериум.

Јас го поставувам овој пример: во 2015 година формиравме Специјално јавно обвинителство, по распуштањето на СЈО, пред три години сите предмети ги преземаа редовните обвинителства. Што е пресудено досега од тие високи случаи? „Мерцедесот“ за Гордана Јанкуловска – тоа не е доволно. Зошто осум години откако се отворија првите најголеми случаи досега никој од тие луѓе не отиде во затвор. И сега, овие што се критичари на измените на Кривичниот законик велат да, па малку е осум години. Колку треба да им дадеме? 28 години за да ги завршат постапките? Знаете дека се криеа предмети во фиоки. Знаете се судеше со години и на крај ќе ви речат – еден од поротниците заминува во пензија - одиме на ново судење.

Тврдам и понатаму и сега овој изменетиот закон и било кој друг закон не е причина за поголема корупција, ниту за амнестија – нивната лоша примена или непримена – со чување на предмети во фиоки и со барање на „дупки“ во законите за да се пролонгира процедурата што е можно подолго се главните причини зошто ние со години не можеме да видиме правосилна, извршна, судска пресуда.

Со последните измени на кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно.

XS
SM
MD
LG