Линкови за пристапност

Стравот од војни, глад и сиромаштија да го замениме со надеж, порача Пендаровски пред светските лидери


Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски држи говор на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Фотографирано од медија центарот на ОН (22 септември, 2023 година)
Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски држи говор на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Фотографирано од медија центарот на ОН (22 септември, 2023 година)

Оваа година фокусот врз сите нас е можеби поголем од кога било претходно, а причината е во поразителниот факт дека најмал заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес е ‒ стравот. Стравот од војни, од глад и сиромаштија, од пандемии, од еколошки катаклизми, страв за иднината на нашите најблиски. Ноторен факт е дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот, рече претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски во обраќањето на Генералното Собрание на Обединетите нации.

Чувство на страв да го замениме со надеж и со верба за поправеден свет.
Стево Пендаровски, претседател на Република С. Македонија.

„Меѓутоа, тоа не смее да биде прифатено како нормална состојба. Пред нас, политичките лидери овде собрани, стои обврската, тоа чувство на страв да го замениме со надеж и со верба за поправеден свет. Предуслов за тоа е да постигнеме, без одложување, еден обновен договор за почитување на темелните вредности и хуманите идеали заради кои и беше основана оваа организација пред 78 години“, кажа Пендаровски.

Во однос на војната во Украина, Пендаровски вели дека руската агресија продолжува со „несмалена жестокост што е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право“.

„Станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти. Со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација“, рече Пендаровски.

Војната во Украина, вели е најеклатантен, но, за жал, не и единствен пример, за заканите по светскиот мир и безбедност.

„Планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму оваа организација, е посебно разнишана кога држава, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации илегално напаѓа земја членка на истата организација.“

Пендаровски ги потсети лидерите на предупредувањето за ризик од нуклеарна катастрофа кое неодамна го изнесе генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото.“

Повика да запре војната во Украина и да се почитува Повелбата на ОН за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.

Пендаровски во говорот се осврна и на кризите предизвикани од војната, како што се недостатокот на храна, енергенси.

„Даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели“, рече Пендаровски.

Претседателот на С. Македонија, Пендаровски, потсети за глобалната солидарност. Тој го сподели примерот на Скопје – главниот град на државата – кога пред 60 години беше погоден од катастрофален земјотрес, а градот, вели Пендаровски „се крена од пепелта“ благодарение на глобалната солидарност.

„Ние научивме на потешкиот начин што значи подадена рака во неволја. Катастрофалниот земјотрес во Турција, во февруари оваа година, нè натера повторно да се навратиме на суштината на хуманизмот: ранливоста пред природните катастрофи, но и исконската потреба на човекот да им помогне на послабите и на настраданите“, рече Пендаровски.

Тој говореше и на климатски промени, за која рече дека со сите предизвици „ќе се соочиме“ доколку поефикасно ги користиме изградените механизми. Потребно е вели порешително да се адресира проблемот на климатските промени.

„Тие промени не препознаваат и не признаваат граници ‒ за ефикасен одговор е апсолутно критична ‒ заедничка акција. Регионот на Југоисточна Европа, од кој доаѓам, се соочува со досега непознати феномени: таканаречените суперклеточни луњи коишто се речиси на границата на торнада се директна последица на климатските промени. Глобалното затоплување, како што вели генералниот секретар, веќе преминува во глобално вриење. Без сомнение, светот е исправен пред егзистенцијален предизвик, а единствениот успешен противодговор е можен, само ако сите се обединиме врз една, единствена платформа“, рече Пендаровски

XS
SM
MD
LG