Лупе Хуртадо ја почувствува социјалната изолација од зависноста од дрога, кога тоа ја доведе да стане бездомничка.
„Има многу стигма. Луѓето ни велат: „Најдете работа!“ или, фрлаа работи од автомобилите додека возea во квартот“, вели Хуртадо.
Хуртадо сега работи како советничка со локална група за помош на зависности. Таа вели дека социјалната изолираност и срамот што понекогаш го чувствуваат зависниците од фентанил, ги намалуваат шансите да бараат третман.
„Стигмата на некој начин е еднаква на смрт за некои луѓе кои се предозираат, особено со фентанил“, додава Хуртадо.
Зависниците од фентанил, особено, оние кои се бездомници, може да биде мошне тешко да ги прифати заедницата.
Фотографката Мелиса Вокс се сеќава на зависниците кои живееле во парк спроти нејзиниот дом.
„Луѓето умираа во паркот. Видов мртви тела како беа изнесувани. Имаше пожари, експлозии, злоупотреба на дрога и тепачки. Како родител со две деца кои одат до училиште токму одовде, беше страшно“, вели фотографката Вокс.
Советникот за јавно здравје Бред Фајнгуд вели дека уривањето на стигмата околу зависноста од фентанил е од клучно значење за лекувањето, особено имајќи предвид дека траумата често придонесува за злоупотреба на дрога.
„Ако она што го правиме повторно им предизвикува траума или болка на луѓето, тогаш ќе влеземе во циклус на неможност да лекуваме и нема да можеме да работиме со луѓето, кои се борат да заздрават“, укажува Фајнгуд.
Здравствениот работник Даглас Де Џо е поранешен зависник. Тој вели дека спротивното од зависноста не е трезност, туку повторното поврзување со заедницата.
„Никој не успева во ништо, без човечка поврзаност. Овие луѓе, минимум заслужуваат, поддршка“, раскажува Де Џо.
Смртоносното влијание од зависноста од фентанил може да се види на Sидот преку сликите и спомените за оние што починале од предозирање.
„Не знаеме колку долго ќе го има фентанилот. Не знаеме која ќе биде следната смртоносна дрога. Работите се движат во бранови, и тие влијаат врз луѓето“, предупредува Стефани Прохашка, активистка.
Побарувачката за чисти игли беше заменета со зголемена побарувачка за комплети за спасување од опиоиди.
Работејќи на намалување на предозирањето со фентанил, програмата за размена на игли инсталира кутии со Налоксон до комплетите за прва помош во јавните институции.