Линкови за пристапност

Синтетичкиот убиец „фентанил“, трет дел: Локалните заедници се обидуваат да им помогнат на зависниците


Решавањето на комбинираните предизвици со зависноста од фентанил и бездомништвото може да биде политички поларизирачки
Решавањето на комбинираните предизвици со зависноста од фентанил и бездомништвото може да биде политички поларизирачки

Американските центри за контрола и превенција на болести велат дека главната причина за смртни случаи од предозирање во Америка се синтетичките опијати, главно фентанил, кој може да биде до 50 пати посилен од хероинот. Истражува Наташа Мозговаја

Кент Хеј доаѓа во овој логор на Грин Ривер надвор од Сиетл повеќе од две години, обидувајќи се да ги убеди луѓето овде да добијат третман за зависност и да се преселат во засолниште.

Злоупотребата на фентанил е честа појава овде, каде што мирисот на запалените апчиња се меша со аромата на чадот од камперскиот оган.

„Мислам дека ретко среќавам личност која не користи. И затоа е тешко да се натераат тие луѓе да учествуваат во каков било третман“, вели Хеј.

Решавањето на комбинираните предизвици со зависноста од фентанил и бездомништвото може да биде политички поларизирачки. Членката на Советот на округот Кинг, Сара Пери, вели дека решението бара одговор на повеќе нивоа, вклучително и вклучување на заедницата.

„Тие се наши луѓе. Доаѓаат од нашите заедници. Тие се наши деца, родители, браќа и сестри, наши братучеди. Не можат да заминат каде било. Мораме да ја направиме вистинската работа за секој да има безбедно место за живеење и сите да се чувствуваат безбедно додека се движат наоколу“, објаснува Сара Пери.

Да им се дозволи на зависниците од фентанил да одлучат кога се подготвени за лекување е нехумано, вели поранешната членка на окружниот совет Кети Ламберт. Таа сака задолжителна рехабилитација.

„Им треба место каде што во суштина ќе бидат принудени да го користат своето време за да ги исчистат своите тела и да можат да донесат добри одлуки. Ако некој има проблем со слепо црево не му велите дека ќе се погрижите за него кога ќе биде подготвен за тоа туку веднаш му помагате. Тоа е она што е потребно овде“, укажува Ламберт.

На Универзитетот на Вашингтон, Центарот за едукација за дроги, епидемиологија и истражување, Калеб Банта-Грин вели дека подобрувањето на социјалните и медицинските услуги е поефикасно и помалку штетно од задолжителното лекување.

„Пред да почнеме да се обидуваме да ги принудуваме луѓето да се лекуваат, она што јас би го рекол е да направиме далеку подобри услуги за лекување што луѓето всушност ги сакаат“, смета Банта-Грин.

Во меѓувреме, теренските работници како Хеј продолжуваат да се среќаваат со зависниците од фентанил каде што се и се обидуваат да им помогнат.

XS
SM
MD
LG