Линкови за пристапност

Врховниот суд отфрли најголем дел од стриктниот имиграционен закон на Аризона


Врховниот суд на САД отфрли поголем дел од стриктниот имиграционен закон на сојузната држава Аризона, што беше зацртан така да им олесни на полицајците да апсат илегални имигранти.

Па сепак, Судот задржа една од најконтроверзните одредби на законот, која налага полицајците, доколку постои „разумно сомневање“, да го проверат имигрантскиот статус на лицата кои ги имаат запрено од други причини.

Аризона го усвои законот во 2010-та. Нејзини први лица коментираа дека е неопходно да се запре илигалната имиграција, која во најголем дел доаѓа од Јужна и Централна Америка, како и дека федералната влада потфрлила во целосно спроведување на националните имиграциони закони.

Противниците на законот, меѓу кои и латиноамерикански групи, спореа дека тој ги присилува полицајците да прават расен профил. Исто така, владата на претседателот Обама тврдеше дека според Уставот на САД, обврска за имиграцијата има федералната влада, а не оние на сојузните држави. Врховниот суд денес практично се согласи со ваквото тврдење.

Нешто порано месецов, претседателот Обама издаде извршна наредба за запирање на депоратацијата на одреден дел од младите илегални имигранти.

Наголемо се очекува имиграцијата да биде значајно прашање на претседателските избори во ноември годинава, меѓу Обама и најверојатниот републикански кандидат Мит Ромни. Растечкото население од латиноамериканско потекло во САД има се` поголема гласачка моќ, така што некои политички аналитичари сметаат дека може да имаат решавачка улога на изборите.
XS
SM
MD
LG