Пред Врховниот суд ќе бидат предмет неколку аспекти на контроверзниот закон на Аризона познат по името „SB 1070“. Тој бара полицијата да го проверува имиграциониот статус на луѓето што ги приведува и кои за кои таа се сомнева дека во државата се илегално. Законот исто така прави да е кривично дело имигранти да работат во државата.
Администрацијата на Обама блокираше неколку клучни одредби на законот на Аризона во пониските судови, тврдејќи дека одговорност за чување на националните граници лежи кај федералната влада и Конгресот, а не кај поединечните држави.
Опонентите на законот на Аризона исто така тврдат дека статутот има поларизирачко дејство во државата. Петра Фалкон е со групата активисти позната како „Ветување на Аризона“.
„Јас сум четврта генерација на мексикански Американци од Аризона и никогаш не сум видела таква поделба во државата, како и такво неверување, лутина и страв кога законот беше донесен“, вели таа.
Поддржувачите на законот на Аризона велат дека државата била принудена да го направи потегот зашто федералната влада не успеала да ги обезбеди границите во период од неколку години, што резултирало во околу 400.000 илегални имигранти кои сега живеат во Аризона.
Во цела држава, се претпоставува дека има околу 11-милиони илегални имигранти.
Законот на Аризона има многу поддржувачи во САД, вклучувајќи го и Вилијам Гин од Северна Каролина, кој предводи група наречена „Комисија на Американците за легална имиграциона политичка акција“:
„Илегалната имиграција разместува и заменува американски работници, студенти, луѓе кои користат установи за здравствена грижа. Резултира во кражба на стотици милијарди долари на даночните обврзници и некои Американци го губат животот зашто нашите граници не се обезбедени и нашите имиграциони закони не се спроведуваат“.
Неколку други држави донесоа слични закони, и секако внимателно ќе ја следат разврската во Врховниот суд.
Одлуката на Врховниот суд на САД се очекува до крајот на јуни. Како и да одлучи, судот ќе има влијание на овогодишните претседателски и конгресни избори. Начинот на справување со илегалната имиграција останува големо политичко прашање и влијае на способноста на кандидатите на двете партии да бидат приемчиви за хиспанските гласачи.
Хиспанците се најбрзо растечки блок на гласачи и анкетите покажуваат дека тие во огромно мнозинство се против законот на Аризона.