Сам во посебна ќелија, без контакт со другите затвореници, 24 часовен надзор од редарска служба задолжена само за него, ограничено движење во посебен затворски двор, јадење сам и со проверка на храната што му се дава.
Тоа се дел од посебните безбедносни протоколи што ќе важат за Љупчо Палевски, главниот осомничен за убиствата на тинејџерката Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, а кој вечерва со редовна авионска линија беше екстрадиран од Турција.
Палевски беше транспортиран од Скопскиот аеродром директно во Истражниот затвор во Шутка со конвој необележани полициски возила. Со влегувањето во затворот почнува и неговиот 30-дневен притвор, што претходно му беше изречен.
Од министерството за правда се огласија набргу после сместувањето на Палевски во затвор.
Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!Министерство за правда
„Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција , Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци“, соопштија од министерството од каде додаваат:
„Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!“.
Љупчо Палевски е првоосомничен за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, што се случи на 27 ноември во близина на Скопје, како и за убиството на Панче Жежовски, во близина на Велес, на 22 ноември.
Откако јавноста и полицијата почна потрага по исчезнатата Вања, Палевски, ја напуштил државата. Тој првично заминал за Белград, а од таму, со помош на неговиот сопартиец Стефан Димковски заминал за Турција.
Турските власти набргу го лоцираа Палевски и на 5 декември беше уапсен во близина на градот Баликесир. После првичниот притвор, Палевски беше преместен во екстрадициски затвор, каде остана до неговата денешна екстрадиција.
За киднапирањето и за убиствата на Вања и Жежовски, во притвор се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се товарат за соучество.
Од 25 април месец, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето, е преместен во куќен притвор откако врховниот суд му ја уважи жалбата.
„Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни“, рече Ѓорчевски на седницата на судот.
За Стефан Димовски, пак, се изречени мерки на претпазливост, кој е осомничен за помагање при бегството на Палевски во Турција.
Истрагата за случајот што ја потресе цела држава ја води Скопското обвинителство.