Дозвола за екстрадиција на Љупчо Палевски - Палчо, дале турските судски власти, соопштија од македонското министерство за правда. Трансферот на Палевски, кој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, останува дополнително да се договори.
Од Министерството за правда, во изјава за МИА, посочиле дека во Турција бил завршен судскиот процес и административната процедура и дека на ред останува да се изведе неговото пренесување во земјава. Палевски во Турција се наоѓа во екстрадициски затвор повеќе од три месеци. Беше уапсен на 5 декември во градот Баликесир, откако по него беше распишана меѓународна потерница.
За информацијата соопштија и од Јавното обвинителство. Од таму велат дека постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
„По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување“, се вели во соопштението од ЈО.
Според процедурите, после пристигнувањето во земјава на Палевски се очекува да му биде изречен 30-дневен притвор и да биде сместен во затворот во Шутка, во Скопје.
Во притвор се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се товарат за соучество.
Од 25 овој месец, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето, е преместен во куќен притвор откако врховниот суд му ја уважи жалбата.
„Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни“, рече Ѓорчевски на седницата на судот.
За Стефан Димовски, пак, се изречени мерки на претпазливост, кој е осомничен за помагање при бегството на Палевски во Турција.