Линкови за пристапност

САД сакаат што е можно повеќе канали за помош во Газа, вели Стејт департментот


Вашингтон е оптимист дека новата поморска рута за испорака на помош во Газа би можела да ги надополни сегашните напори за добивање помош во енклавата, рече Милер, додавајќи дека тој пат е „сè уште во фаза на развој“
Вашингтон е оптимист дека новата поморска рута за испорака на помош во Газа би можела да ги надополни сегашните напори за добивање помош во енклавата, рече Милер, додавајќи дека тој пат е „сè уште во фаза на развој“

САД работат на тоа да донесат помош во Газа преку што е можно повеќе канали за да се санира хуманитарната катастрофа поради израелската војна со милитантите на Хамас, изјави денес портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, опишувајќи ја ситуацијата како „едноставно неподнослива“.

Вашингтон е оптимист дека новата поморска рута за испорака на помош во Газа би можела да ги надополни сегашните напори за добивање помош во енклавата, рече Милер, додавајќи дека тој пат е „сè уште во фаза на развој“.

Покрај камионите што пренесуваат помош преку два гранични премина на југот на Газа, американската војска, заедно со сојузничките земји, во последните денови фрли пакети со помош во Газа од авиони, поради предупредувањата дека голем дел од населението е на работ на глад.

„Ситуацијата е едноставно неподнослива“, рече Милер на брифингот со новинарите, „и затоа САД се фокусирани на зголемување и одржување на помошта во Газа преку што повеќе канали“.

Вашингтон инсистира на тоа дека воздушните и поморските патишта се дополнителни на испораките по копно, а исто така го поттикна Израел да отвори граничен премин на северот на Газа за испорака на помош.

„Овие напори не се и не можат да бидат замена за големата помош на северот (од Газа) што ја дистрибуира ОН. Ние ќе продолжиме да ја притискаме владата на Израел да ги олесни зголемените испораки на север“.

Апелите на САД до Израел да стори повеќе за да се справи со хуманитарната ситуација станаа погласни по смртта на Палестинците кои чекаа помош во Газа минатата недела, при што потпретседателката Камала Харис во неделата го повика Израел да стори повеќе.

Здравствените власти во Газа соопштија дека во инцидентот загинале 118 лица, припишувајќи ги смртните случаи на израелските напади, нарекувајќи ги масакр.

Израел вети дека ќе спроведе истрага.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека четвртина од населението - 576.000 луѓе - се на чекор од глад, речиси пет месеци по почетокот на израелскиот напад врз Газа.

Израел ја започна војната како одговор на нападите врз јужен Израел од страна на милитантите на Хамас на 7 октомври, во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Палестинските власти соопштија дека повеќе од 30.000 луѓе биле потврдени убиени во Газа.

Администрацијата на Бајден продолжува да се залага за привремена пауза во борбите во замена за ослободување на заложниците земени на 7 октомври, за да се овозможи подобрување на хуманитарната ситуација, рече Милер.

XS
SM
MD
LG